/ Прочитано:

1.498

ОБСЕ и СЕ: Македонија треба законот за медиуми да си го прилагоди на сопствените услови и потреби

Вторник, 13 август 2013 – Да се  искористат најдобрите европски практики и препораки од останатите земји, но законот да се прилагоди на вашите услови. Нема перфектна дефиниција за новинар или перфектен закон за медиуми, порачаа експертите од ОБСЕ и Советот на Европа (СЕ) на денешната јавна расправа по нацрт-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни услуги. 

„Нема еден единствен начин на пишување на закон за медиуми, ги земаме сите најдобри меѓународни пракси, нема потреба постојано да го измислуваме тркалото и не постои еден начин кој што е совршен. Треба да биде закон соодветен на праксата и не постои разлика во суштина“,  изјави  Катрин Ефкеимен од ОБСЕ.

Според Македонската асоцијација на новинари (МАН)  со Законот за медиуми треба да се евидентираат и да се лиценцираат новинарите.

„Со тоа ќе се подигнат професионалните стандарди кои ни недостигаат, ние одиме професионално надолу. Ќе се поткрене свеста дека вршиме општествено одговорна работа“, рече Слаѓана Димишкова, претседател на МАН.

За Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), предлогот е неприфатлив.

„Јас сум вчудовиден што некои новинари, самите, бараат лиценци. Ако сакате, предлогот ќе го дополниме: Ајде да одредиме униформи за новинаритe!“, рече  претседателот  на ЗНМ Насер Селмани.

Според ЗНМ законот е преопшт и не нуди решенија, а предложените измени се козметички.

„Зошто државата не кажува колку пари им дава на медиумите? Што е тоа јавен интерес? Зошто да не утврдиме критериуми и да видиме колку се оправдани тие кампањи на Владата?“, рече Селмани.

Ивона Талевска од „Сител“ и Иван Мирчевски од „Канал 5“ дадоа забелешки во однос на Законот за аудио-визуелни медиумски услуги во однос на одредбите за програмско емитување на одреден процент на документарна, играна и музичка програма, но и за казните. Барањето е наместо предвидените 10 отсто од приходот, казните да бидат фиксни, односно исти за сите. Според антикорупционерката Мирјана Димовска она што треба да ги загрижи новинарите е анкетета од агенцијата Рејтинг спроведена во соработка Државната комисија за спречување на корупција. „Анкетата спроведена врз репрезентативен примерок по пол, возраст, етничка припадност, место на живеење и образование од 1.080 испитаници во сите 84 општини покажа дека 55 отсто од анкетираните сметаат дека медиумите во Македонија не известуваат објективно. Дури 60 отсто од анкетираните рекле дека во медиумите корупцијата е многу или средно распространета, а само 13 отсто сметаат дека нема корупција. Медиумите се продолжена рака на партиите за 83 отсто од испитаниците, а 81 отсто сметаат дека постои врска меѓу бизнисот, политиката и медиумите“, рече Димовска. Дебатата ја бојкотираа Македонскиот институт за медиуми (МИМ),Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), и Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски поради нетранспарентноста на институциите и нерешавањето на вистинските проблеми во медиумската сфера. Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски истакна дека целта на денешната јавна расправа е да се достават дополнителни амандмани за да се подобрат предлог законите, а сите што нема да учествуваат во овој процес и ги отфрлиле законите, не сакаат оваа сфера да биде регулирана. „Дефинитивно ни е потребен закон за медиуми, но сме отворени за сите ваши забелешки да се вметнат во амандмани за да се подобри неговиот текст. Ќе се потрудиме законот да биде меѓу подобрите во светот за да можат и другите земји да го споделат искуството на Република Македонија во процесот кој ние го правевме во изминатите 18 месеци за донесување закон за медиуми и закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, рече Ивановски.