ОБСЕ и Советот на Европа со различен став во однос на Нацрт – законот за медиуми
Четврток, 6 јуни 2013 – Новиот Нацрт закон за медиуми синоќа е пуштен во јавноста на електронскиот национален регистер . За новиот Закон за медиуми, кој е во нацрт-верзија, Владата добила сосема различни препораки од Советот на Европа и од специјалниот преставник на ОБСЕ за медиуми, Дуња Мијатовиќ. За претходната верзија, во Министерството за информатичко општество пристигнале 380 коментари на Законот, а забелешки се дадени на 117 члена од вкупно 171 член или на повеќе од две третини од Законот за медиуми.
Од ОБСЕ и Советот на Европа до Владата стигнале дијаметрално спротивни препораки како да се постапи со деловите од Законот со кои се опфатени практично најсуштинските прашања како што се слободата на медиумите и правата на новинарите.
Поточно, Советот на Европа и ОБСЕ имале различен став по прашањето за членот 4, посветен на слободата на изразување и на слободата на медиуми. Делот што забранува содржини со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок, се повикува на воена агресија или конфликт и со кои се шири дискриминација и омраза по која било основа, Советот на Европа го истакнал како добредојден, но според мислењето на ОБСЕ, односно Мијатовиќ, целосно може да биде избришан. Овие член и во земјава беше различно толкуван.
ОБСЕ и Советот на Европа не се на иста линија и со одредбите од Законот што го регулираат правото на новинарот да изнесе свој став и да одбие да изврши налог за кој смета дека не е во согласност со етичките правила во професијата, како и одредбата што го штити неговиот углед како автор на текстот или на прилогот.
Советот на Европа истакнува дека ваквите одредби ќе ги зајакнат позицијата на новинарите и нивната независност и оти се придонес за плурализмот и живата дебата. ОБСЕ го оценил како загрижувачки членот со кој се регулира правото на изразување на ставот на новинарот. Таквото право го смета за очигледно и препорачува членот да биде избришан исто како и членот за угледот на новинарот, бидејќи смета дека такви прашања се решаваат со Закон за авторските права.
Експерти, претставници на медиумите и регулаторите во областа, вчера расправаа за конкретни предлози за и против регистрирање и лиценцирање на новинарите, дали е потребна саморегулацијата, дали треба да се опфатат со Законот сите медиумски работници, а не само новинарите, како и за донациите и рекламирањето на Владата во медиумите.
Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски рече дека најмногу забелешки пристигнале за членот 4 во нацрт-текстот, кој ја третира слободата на изразување, и тој ќе претрпи измени, иако според ОБСЕ, овој член треба да се избрише.
Прифатена е забелешката на Советот на Европа да се намали мандатот на претседателот на Агенцијата за медиуми од 9 на 7 години. Прифатени се и забелешките печатените медиуми и електронските портали само да ја регистрираат дејноста во Централниот регистар и да не се нотифицираат во Агенцијата. За овој член согласни се и ОБСЕ и Советот на Европа.
„Ова не се однесува на блогови, форуми, забавни портали, на приватни веб страници, социјални мрежи или на пребарувачи. Се однесува исклучиво на електронски публикации кои, според дефиницијата, имаат уредништво и работат на вести и новини. Тие ќе се регистрираат само во Централниот регистар“, изјави министерот Ивановски.
Вчера не се прецизираше колку ќе трае фазата од јавната расправа и кога текстот на Законот ќе биде доставен до Собранието.