ОБУКА ЗА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ОПШТА УПРАВНА ПОСТАПКА: Законски новини, практични прикази и интерактивна дебата
Понеделник, 10 август 2015 – Новиот Закон за општа управна постапка (ЗОУП) ќе биде во фокус на обуката која, во организација на АКАДЕМИК, ќе се одржи на 9.9.2015 (среда) со почеток во 10.00 часот во конференцискиот центар на хотелот „Квинс“ – Трговски центар „Зебра“. Излагања на темата ќе имаат членови на работната група за изготвување на ЗОУП, меѓу кои и претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Ирена Брзанова, како и Георги Димитров, управувачки партнер во Адвокатското друштво „Георги Димитров адвокати“.
Обуката ќе започне со општ осврт на новиот ЗОУП, при што ќе се даде приказ на спецификите на новиот закон наспроти решенијата во постојниот. Поконкретно, во првиот дел од обуката ќе се говори на следните тематски целини:
- Транспарентност во управните постапки;
- Управна постапка ориентирана кон услуги;
- Ефективно и етичко постапување на државните и јавните службеници и
- Економичност при донесување на управните акти.
Во вториот дел од обуката ќе се дадат насоки за водење на управните постапки, со посебен фокус на нивното времетраење и обезбедување на потребните докази, односно документи од странките, а ќе бидат образложени и објаснети и новите институти од ЗОУП.
Во третиот дел од обуката, пак, ќе се дадат насоки за комуникација и соработка меѓу органите во управната постапка и другите органи, акцент ќе се стави и на прашањето за одговорноста на првостепениот и второстепениот орган во управната постапка и ќе се даде практичен приказ на жалбената процедура.
Во рамки на еднодневната обука, покрај излагањата на предавачите, доволно време е предвидено и за дискусија преку која ќе се разменат искуства и ќе се одговори на прашањата што предизвикуваат дилеми и проблеми во практиката.
Учесниците на обуката ќе се здобијат со сертификат.
Пријавувањето за учество на обуката трае до 7.9.2015 на е-пошта: practicum@akademik.com.mk или тел.: 02/3 232-821 и 02/3 237-465.