/ Прочитано:

1.968

ОБУКА ЗА ЗКП ЗА АДВОКАТИТЕ НА ОДБРАНАТА: Подреденоста на одбраната во постапката е недопуштена позиција и директно е противречна со еднаквоста на оружјата

„Потребата од измени на ЗКП беше воочена уште пред тој да стапи во примена. Постоеја работни групи, нацрт-текстови за измена на Законот. Тоа не беше ништо драматично, напротив едногласно беше констатирано. Меѓутоа, овие три години апсолутно покажаа дека биле во право сите оние што сметаа дека уште пред да почне да се применува овој закон, ќе треба да се направат некои измени. За жал, сè уште не се направени, а голем дел од тие измени се однесуваат на позициите на одбраната“, вели Додевски.

Адвокатска комора на РМ обука за ЗКП

Аспектот на практичната примена на Законот за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, аспектот на правата на одбраната, вредностите, но и дефектите на овие закони, ќе бидат во фокусот на обуката што ќе се реализира преку Адвокатската комора на РМ, а која е финансирана од Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите на САД.

„Уверени сме дека по три години од функционирањето на ЗКП адвокатите се добро запознаени со неговото функционирање, но преку интерактивната обука ќе имаме можност да ги согледаме забелешките на учесниците“, вели претседателот на АКРМ, Никола Додевски.

Според Додевски, позицијата на одбраната во постапката треба да биде респектирана, треба да биде активна, но треба и да ѝ се овозможи реализација на законските права, што не е случај во досегашната практика бидејќи не се почитува целосно. Ваквите обуки, смета Додевски, се добра основа за согледување на недостатоците кои подоцна ќе бидат преточени во предлог-законски измени.

„Потребата од измени на ЗКП беше воочена уште пред тој да стапи во примена. Постоеја работни групи, нацрт-текстови за измена на Законот. Тоа не беше ништо драматично, напротив едногласно беше констатирано. Меѓутоа, овие три години апсолутно покажаа дека биле во право сите оние што сметаа дека уште пред да почне да се применува овој закон, ќе треба да се направат некои измени. За жал, сè уште не се направени, а голем дел од тие измени се однесуваат на позициите на одбраната“, вели Додевски.

Претседател на АКРМ, адвокат Никола Додевски

Како главни слабости тој ги наведува исклучително кратките рокови на одбраната за подготовка и за преземање на дејствијата на истрагата. За истрагите кои траат со месеци или со години и кои завршуваат со материјал на повеќе илјади страници одбраната има само 15 дена да ги подготви своите тези, да ги побива доказите и да ги презентира своите докази, што е недопуштена позиција и директно е противречна со еднаквоста на оружјата како генерален принцип на кој се базира и заштитата на човековите права, смета Додевски.

„Истата ситуација ја има и во жалбените постапки. Во предметите во кои има огромен материјал роковите се фиксни, неекстензивни, од 15 дена, што е спротивно на практиката на повеќе држави, и реномирани меѓународни судови“, изјави Додевски.

Ова се само минимални забелешки на адвокатите за измена на ЗКП, кои се надеваат дека ќе се случат бидејќи во спротивно во примената на Законот ќе постојат многу повреди кои ќе се базираат на тие недоследности.

Во однос на примената на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, Додевски смета дека ваквиот пристап не требал да биде задолжителен и поради тоа сè уште настојуваат да се направат законски измени со кои Законот би имал факултативна примена, односно судот да одлучува во кој случај ќе може да го примени, а во кој случај може да дивергира од овие одредби.

Обука: Директното и вкрстеното испитување, воведните говори и постапката за спогодување

ЗКП има повеќе слабости во поглед на одбраната и ние треба да работиме на нивната промена, вели и адвокатот Дељо Кадиев кој ќе ја спроведува првата обука со фокус на директното и вкрстеното испитување, на воведните говори и на постапката за спогодување.

Прво, иако овој закон е авангарден, сепак во поглед на одбраната е ретрограден затоа што се стеснија правата на одбраната. Пред сè во однос на решенијата за спроведување на истрага кои по стариот закон адвокатите ги добивале веднаш, за разлика од сега кога не знаат за што се обвинети нивните клиенти, смета Кадиев.

„Наредбата за спроведување на истрага, која ја издава јавниот обвинител, не ѝ е достапна на одбраната и тоа е голема грешка бидејќи се губи правото на фер постапување, бидејќи ние едноставно не знаеме на кој начин ќе го застапуваме нашиот клиент“, вели Кадиев.

Второ, со ваквиот начин на истрага рокот од 15 дена за подготовка на истрага дополнително ја отежнува позицијата на одбраната, смета и Кадиев.

Никола Додевски и Дељо Кадиев, обука ЗКП

„Затоа сметаме дека на одбраната треба да ѝ се даде наредбата за спроведување на истрагата уште од самиот почеток, по што одбраната ќе биде подготвена да спроведува и свои истражни дејствија и да му предлага на јавниот обвинител определени истражни дејствија“, вели Кадиев.

Според адвокатската фела, наредбата за спроведување на истрагата треба да подлежи под судска контрола за да се избегне арбитрарноста на јавниот обвинител.

Кадиев вели дека спогодувањето е многу поволна алатка на новиот кривичноправен систем, кое можеше да даде многу позитивни резултати, но лично смета дека судот не ја нашол својата улога во него.

„Судот треба да ги бара доказите за да може да ја потврди спогодбата. Треба да бара да му бидат презентирани доказите за да се види дека обвинителството има сигурна позиција. За жал, судот тоа не го прави и секогаш кога ќе биде постигната спогодба помеѓу обвинетиот и јавниот обвинител, таа спогодба се потврдува. Колку е таа доброволна е исто така знак прашање особено во делот на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Доброволноста е нарушена бидејќи е оптоварена со многу построга казна доколку обвинетиот не се спогоди или не признае вина“, вели Кадиев. Неснаоѓањето на судот со примената на овие институти предвидени во Законот и понатаму му дава арбитрарна улога на јавното обвинителство и тоа добива улога на супермоќно обвинителство и во однос на судот, додава Кадиев.

Поддршката од САД значајна за обезбедување на еднаквост на правата на странките во постапката

Поддршката на одбраната како странка во постапките е сигурен гарант за обезбедување на правични судења, гарант за обезбедување на балансирана позиција и за обезбедување заштитници на владеењето на правото и поради тоа и понатаму ќе биде во фокусот на сите наши пријатели кои се залагаат за правдата и владеењето на правото да завладее во Македонија и секое искуство и соработка ни е потребно и добредојдено, вели Додевски.

Поддршката од САД за еден ваков проект ни дава за право да бидеме сигурни дека само на ваков начин се обезбедува еднаквост на странките во постапката и се тежнее кон еднаквост на оружјата и кон балансирано и правично судење.

Никола Додевски и правен советник од САД

„За жал, неодамнешните испитувања укажуваат на многу ниска доверба на граѓаните во правниот систем и загрижувачко уназадување во воспоставувањето на владеењето на правото. Преку оваа обука ние демонстрираме доверба во вашата способност да го промените тој тренд и со вашата работа да ги охрабрите граѓаните да бараат отчет од правосудните институции. Улогата на адвокатите е драматично сменета со новиот ЗКП, но важно е да се потенцира дека правилната примена на новиот ЗКП ќе им овозможи на граѓаните да го имаат конечниот збор дали е реформата успешна“, истакна Ајрин Ф. Мар, правен советник од Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите при Стејт департментот на САД.

М. С.