Обвинението против Љубе Бошковски се уште не е во рацете на одбраната
Среда, 17 октомври 2012 – Обвинението кое се води против Љубе Бошковски и другите осомничени за убиствата на Маријан Тушевски и Кире Јанев е во судот на разгледување кај судијата, потврдуваат од Кривичниот суд за Академик. Одбраната се уште го нема примено обвинението, па оттаму адвокатите не знаат за кои дела се товари Бошковски и дали има измени од решението за барање на истрага до конечниот обвинителен акт.
Обвинителниот акт против Љубе Бошковски стигнал во судот уште во петокот на 12 октомври, но се уште не е во рацето на одбраната поради тоа што во моментов е на разгледување кај судијата. Освен тоа што поранешниот министер во медиумите се споменува како помагател на двојното убиство од 2001 година, за сега други детали не се откриваат. На адвокатите не им е познато дали има заштитен сведок и дали постојат измени во истрагата што сега би требало да се дел од обвинението.
Како тогашен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски е осомничен дека знаел кој го извршил убиството, но не презел ништо за убијците да се уапсат и да се извадат пред лицето на правдата.
Тројцата Срби, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ, според наводите на полицијата се директни извршители на убиството и не се достапни за органите на прогон. Недостапни за полицијата се и неколку од македонските државјани, поранешни вработени во МВР.
Убиството беше извршено на 10-ти јули кога Тушевски и Јанев излегувале од едно од кафулињата на улицата „Атинска“ во скопската населба Тафталиџе. Полицијата претпоставува дека убијците биле професионалци, прво со 11 куршуми го усмртиле Тушевски, а потоа со еден куршум го убиле Јанев на стотина метри подалеку додека тој се обидувал да избега.