/ Прочитано:

1.638

Обвинети во „Дива Населба“ барале одложување на рочиштето поради повреди

Судијката Верка Петковска повикала итна медицинска помош, но по прегледот до судечкиот совет бил доставен извештај според кој тројца од обвинетите кои се пожалиле на здравствени проблеми пред лекарот кажале дека немаат потреба од никаква терапија и помош, додека тројца се пожалиле на болки во ’рбетот, по што им била дадена терапија и било констатирано дека сите шест обвинети немаат никакви видливи надворешни или други повреди и дека се способни да го следат судењето.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

Шестмина обвинети во случајот „Дива Населба“, на денешното рочиште кое е затворено за јавноста, пред судијата се пожалиле на здравствени проблеми. Како што наведуваат од Кривичниот суд, обвинетите тврделе дека имаат видливи повреди што им биле предизвикани при пренесувањето од затворот и преку своите бранители побарале одложување на главната расправа.

Судијката Верка Петковска повикала итна медицинска помош, но по прегледот до судечкиот совет бил доставен извештај според кој тројца од обвинетите кои се пожалиле на здравствени проблеми пред лекарот кажале дека немаат потреба од никаква терапија и помош, додека тројца се пожалиле на болки во ’рбетот, по што им била дадена терапија и било констатирано дека сите шест обвинети немаат никакви видливи надворешни или други повреди и дека се способни да го следат судењето.

„По добивање на извештајот, судечкиот совет констатирал дека не постојат причини да биде одложена расправата, па затоа со одлука на Советот главната расправа, како што беше планирано, продолжи со распит на заштитени сведоци, па поради тоа е затворена за јавноста“, велат во соопштението од Кривичниот суд. Исто така, додаваат дека нема да навлегуваат во причините за барањето на одбраната за одложување на главната расправа и наведуваат дека какво било одолжување на постапката не е во корист на ниту една страна.

Обвинетите во случајот „Дива Населба“ и претходно пред судот се жалеа дека биле малтретирани од полициските службеници при спроводот од затворите.

Во случајот „Дива Населба“ обвинети се 37 лица откако Судот ги спои двата предмети, едниот за настаните во Кумановско од 9 и 10 мај 2015 година и другиот за групата која давала логистичка поддршка на таканаречената „кумановска група“.