/ Прочитано:

1.594

Сведоци предложени од одбраната зборуваа за личноста на Кузмановски

Обвинетиот за убиството на Детска клиника бил жртва на семејно насилство

Никола Кузмановски (22), обвинетиот за убиството на медицинската сестра Дијана Здравковска (32), што се случи на 9 јануари на Детската клиника во Скопје, бил жртва на семејно насилство. Ова денеска на продолжението од судењето го посведочија негови блиски роднини предложени од одбраната, кои зборуваа за личноста на обвинетиот.

obinet-ubistvo-medicinska-sestra.jpgНајпрвин сведочеше братучетка на Кузмановски. Според нејзе, обвинетиот и неговата мајка секојдневно биле малтретирани од татко му, кој бил алкохоличар.

„Живееме куќа до куќа со Никола, во ист двор.  Од кога паметам, кога имав 4 или 5 години,  татко му ги малтретираше. Немаше мир во таа куќа. Заедно со Никола сме ја бранеле мајка му.  Сите сме биле сведоци, но само тој знаеше како им е“, рече таа, додавајќи дека Никола не е насилна и конфликтна личност.

Вториот сведок, неговиот братучед, ги потврди претходните наводи. Како што наведе, Никола имал и напади на паника за што го советувал  да појде на психијатар, но обвинетиот не го послушал.

„Се срамеше да каже дека е жртва на семејно насилство, дека е малтретиран…“, рече сведокот.

Сведокот воедно рече дека знаел за љубовната врска помеѓу Никола и Дијана, но не и за фактот дека таа била бремена. Наводно, како што рече, сакале заедно да заминат за Германија.

„Знаев за врската. Во два-три наврати сум ја видел Дијана како доаѓа кај него покриена со марама да не ја препознаат. Го посоветував дека од таа врска ништо не може да очекува, но тој ми рече дека многу ја сакал. Имаа планови да заминат за Германија“, рече сведокот.

Судењето ќе продолжи на 27 јануари за кога се очекува да сведочи полицискиот службеник кој по трагичниот настан што се одвивал на кровот на Детската клиника го убедил обвинетиот да не си го одземе животот фрлајќи се оттаму.

Според обвинението, смртта на Дијана, која била бремена и во брак со друго лице, настапила насилно, со задушување сторено од страна на Никола. Имено, во обвинителниот акт се наведува дека тој делото го извршил по претходна вербална расправија, по што со употреба на сила ја турнал на подот сега починатата.  Здравковска, удирајќи со главата на подот, при падот се здобила со повреда што не ѝ го загрозувала животот. Според Обвинителството,  користејќи ја состојбата во која оштетената, поради повредата, не можела да дава отпор, обвинетиот со едната рака ја фатил за вратот и почнал да ја стега, а со другата рака во исто време ѝ ги затнал носот и устата, давејќи ја, сѐ додека не престанала да покажува знаци на живот, по што настапила смрт кај оштетената како резултат на насилното задушување.

Кузмановски се товари за кривичното дело „убиство на бремено лице“. За разлика од првото рочиште кога беше категоричен дека не се чувствува виновен за смртта на Дијана, на минатото рочиште тој наведе дека се чувствува делумно виновен, но дека не се согласува со она што го тврди Обвинителството. Се очекува тој својата верзија да ја раскаже на едно од следните рочишта. Според псхијатриското вештачење, Кузмановски бил пресметлив за време на кривично-правниот настан.

>> Кузмановски: Се чувствувам делумно виновен за смртта на Дијана, но не се согласувам со тврдењата на Обвинителството

> Обвинетиот за убиството на медицинската сестра на Детската клиника не се чувствува виновен