/ Прочитано:

1.995

Обвинетите во случајот „Пуч“ и понатаму доаѓаат во Судот. Бараат судење и покрај аболицијата од Претседателот

Зоран Заев испрати писмо до претседателот Иванов со барање за повлекување на одлуката за негова аболиција. Но, според Верушевски непотребно е праќање писма кои немаат никакво правно дејство.

Зоран Заев, Зоран и Соња Верушевски пред суд за „Пуч“

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња, сите обвинети во случајот „Пуч“, и денеска дојдоа во Кривичниот суд на рочиштето закажано уште пред одлуката за аболиција која ја донесе претседателот Ѓорге Иванов.

По одлуката на претседателот Иванов, во која беа опфатени сите петмина обвинети во случајот, Заев, Зоран и Соња Верушевски, службеникот во Општина Струмица Бранко Палифров и вработениот во МВР Ѓорги Лазаревски, Кривичниот суд донесе решение со кое се запира постапката против обвинетите.

Сепак, како што изјави, Заев сака да има судење за овој предмет за да ја докаже својата невиност во судска постапка.

„Ние продолжуваме со барање на правдата и правичното судење, тоа што ни го дава законот како можност и членот шест од Европската конвенција. Денеска бевме на рочиште коешто е закажано пред месец и пол токму на денешниот датум. Рочиштето, за жал, не се одржа. Бевме известени од службите од Судот дека нема да се одржи ваквото рочиште. Ние од опозицијата поднесовме жалби на овие постапки кои се резултат на незаконската и неуставна аболиција од Иванов, која сама по себе претставува преседан да се аболира сведок, да се аболира странски државјанин и мал милион други глупости во самиот акт“, рече Зоран Заев.

Неговата одбрана сè уште го нема добиено одговорот на жалбата поднесена до Апелациониот суд, која се однесува на решението на Кривичниот суд за запирање на процесот по одлуката за аболиција.

Освен пред домашните судови, Верушевски најави дека правдата за незаконската  одлука за аболиција ќе ја бараат и пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

„Ставот е идентичен. Ние ги користиме правните лекови затоа што јавноста мора да знае дека правната последица од одлуката на Претседателот е решението на Основниот суд. Во решението на Судот стои правото на жалба во рок од три дена и ние тоа право го искористивме. Очекуваме Апелација да се произнесе по нашата жалба. Ако нашата жалба се отфррли, ни останува правдата да ја бараме пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур“, изјави Верушевски.

Зоран Заев испрати писмо до претседателот Иванов со барање за повлекување на одлуката за негова аболиција. Но, според Верушевски непотребно е праќање писма кои немаат никакво правно дејство.

Петтемина обвинети во предметот „Пуч“ се товареа за кривичните дела шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Лидерот на СДСМ беше аболиран и за предметот „Поткуп“, кој исто така беше запрен со решение на Судот по одлуката на Претседателот.  Според овој предмет, Заев се товареше дека побарал поткуп од 200 илјади евра од струмички бизнисмен.

М. С.

Кривичниот суд ги прекинал постапките за „Пуч“ и „Поткуп“. Одбраната најави жалби до Апелациониот суд