/ Прочитано:

1.328

Обвинителите на советување за пристапот до правда на ЛГБТИ заедниците

Во Академијата се одржа советување на тема „Пристап до правда на ЛГБТИ заедниците“. Советувањето се одржа во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права и беше наменето за јавните обвинители.

Советувањето го спроведоа јавни обвинители и претставник на невладиниот сектор од Обединетото Кралство. Целите на советувањето беа: да се инспирираат и да се обучат јавните обвинители и сегашните слушатели на почетната обука на Академијата да станат сојузници за еднаквост на ЛГБТИ заедницата во опкружувањето, да се изгради емпатија кон ЛГБТИ заедницата и да се изнесат примери за најдобрите практики за справување со насилство против ЛГБТИ заедницата и трансформирање на институциите во насока да станат инклузивни за ЛГБТИ луѓето и нивните права.

Исто така, цел на обуката беше да се позиционираат локалните партнери (ЛГБТИ Центарот за поддршка, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ) како драгоцени контакти и градење партнерство со јавните обвинители, како и нивните институции и академии во патот кон правдата.

Советувањето со поздравни обраќања го отвори директорката на Академијата, Анета Арнаудовска, која истакна дека Академијата е првата институција во правосудството што започна со организирање на овие обуки.

„Пред точно 5 години, зборувањето, а уште повеќе организирањето на обуки за темите на недискриминација, за криминалот од омраза и за говорот на омраза како општествени феномени, а особено врз основа на сексуална ориентација, беа сосема нова тема за нашите судии и обвинители, и во овој правец е постигнат мал прогрес бидејќи уште многу треба да се работи во правец на менување на свеста и сензибилизирање на нашите судии и обвинители дека сите овие теми се поврзани со заштитата на човековите права и човечкото достоинство. Во изминатите години напорно работевме со  Мисијата на ОБСЕ на подготовка на нашите судии и јавни обвинители, како и на обезбедување на соодветен наставен материјален кадар и потенцијален тим на обучувачи, како и активно учество на нашите целни групи во подготовките на измените и дополнувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече Арнаудовска.

Судиите и обвинителите, подвлече Арнаудовска, ги знаат законските решенија, но треба понатаму да се сензибилизираат за суштината на овој феномен, кој не е само кривичноправен, туку и социолошки, културолошки, образовен и кој во последно време, преку интернетот и социјалните мрежи, добива сè поопасни облици и  размери и поопасни форми на насилство, сè до поттикнување на тероризам и убиства и масовни деструкции.

„Потребно е, во тесна  координација со полицијата, да се работи на навремено обезбедување уверливи докази, по количина и квалитет,  бидејќи деликатноста се состои во потребата да се докаже постоење на мотив на омраза и да се утврди причинско-последичната врска со припадноста кон нечија група како основa за дискриминација, да се обезбеди квалитетен исказ на оштетениот,  при што  треба добро да се познава психологијата на припадниците на одделни групи и, во согласност со праксата на ЕСЧП, да се направи јасно разграничување помеѓу  преголемата чувствителност на припадниците на одделни групи  кон  одредено прашање или изразување насочено кон поединецот и неговата група и реалниот напад кој претставува дискриминација  бидејќи, од друга страна,  се повредува слободата на изразување кое е на врвот на пиедесталот на заштита. Истовремено, мора да се почитуваат и гаранциите за фер и правично судење и минималните гаранции на осомничениот, баланс за кој судиите мораат да водат грижа постојано. Овде од исклучително значење е правилната правна квалификација на настанот за да се обезбеди ефикасно процесирање и санкционирање на повредите на човековите права“, рече Арнаудовска.

„Факт е дека обвинителството треба да биде потранспарентно во своето работење од причина што за процесираните случаи во врска со жртвите на ЛГБТИ заедницата во Македонија јавноста не може да добие никакви податоци. Сè уште важи објавата дека истрагите се во тек, што е причина да се преиспита законската одредба во ЗКП за тајноста во оваа фаза на постапката поради потребата од контрабалансирање со јавниот интерес и на јавноста „да знае“, а ваквата затвореност на оваа институција нанесува штета на угледот на судството и ја создава перцепцијата дека „нешто се случува зад затворени врати“. Ваквата нетранспарентност на обвинителството му наштети и на угледот на Академијата за судии поради поведувањето на голем број предистражни постапки за лажните сертификати за англиски јазик на кандидатите кои се пријавија за 60 обвинителски места во почетна обука, постапки кои до ден денес не се затворени и за кои со право во јавноста се создава впечаток дека овие предмети ќе останат затурени  поради тоа што има силен притисок за тоа,  иако помина повеќе од една година. И овој оглас престана да важи и сега тоа значи дека истите тие кандидати кои приложиле фалсификати ќе се јават на еден нов оглас за судии и обвинители, чисти како солза и заштитени од пресумпцијата на невиност“, додаде Арнаудовска.

На советувањето беа споделени најдобрите практики, а преку интерактивна дискусија беа идентификувани идните чекори во македонски контекст. Исто така, од страна на јавните обвинители беа споделени нивните искуства и домашната пракса во делата против ЛГБТИ заедниците. Исто така, делегацијата на Обединетото Кралство одржа предавање и пред слушателите на шестата генерација на почетна обука во Академијата.

На настанот се говореше и за причините за скромниот број на предмети како криминал од омраза. Се јавуваат дилемите дали кривичното законодавство, како материјално така и процесно, дава доволно гаранции за фер и правично судење, од една страна и за заштита на жртвите и пријавувачите на овој криминал.

„Се јавува дилемата дали има доволно гаранции за оштетениот од секундарна виктимизација во текот на обвинителската и судската постапка, дали ќе биде сослушан на доверлив начин, дали ќе има доволен пристап до правдата и до бесплатен адвокат, зачувување на безбедноста пред судењето, во текот на судењето и по него бидејќи оштетениот ќе се врати, по правило, во својот дом, во истата средина каде што е жртва на говорот на омраза и може да биде предмет на понатамошни понижувања и насилства. Се јавува потребата од обученост на  нашите адвокати кои ќе ги поднесуваат пријавите и жалбите во овие случаи. Останува изнесениот проблем дека  подносителите најчесто и се откажуваат од пријавите или од понатамошното гонење поради неверување дека случајот ќе добие судска разрешница“, беше истакнато на настанот.

Арнаудовска посочи дека друг проблем претставува самата демократска атмосфера во општеството, односот на образованието кон малцинските групи, толеранција на говорот на омраза како нешто што е вообичаено, негување на говорот на омраза.

„Нашето правосудство е исправено пред клучни предизвици да се избори за својата независност, непристрасност и почитување на основните гаранции за почитување на човековите права и судиите и обвинителите во секојдневното работење не само што треба да ја превенираат конкретно недискриминацијата како етички принцип, туку не смеат да се претворат во генератори на омразата и дискриминацијата и кршење на човековите права. Се поставуваат клучните  прашања, во смисла, дали ни недостасува подобро или поцелосно законско решение, дали полицијата, како првата алка, не може да го придвижи системот, дали обвинителите не навлегуваат доволно во испитувањето на ваквите мотиви или пак судиите не ги образложуваат одуките во светло на праксата на ЕСЧП, потоа, исполитизираноста на целата оваа сфера на дискриминација, се проблеми на кои треба да работи целата експертска јавност, сè со цел да создаде поволна и охрабрувачка клима за процесирање на кривичните дела мотивирани од омраза. Факт е дека и ние, како луѓе од правосудството, не можеме да добиеме податоци за овие предмети, нема никаква статистика и адекватно регистрирање на овие случаи“, истакна Арнаудовска, додавајќи дека е потребно уште многу да се работи на менување на менталитетот на обвинителите и судиите и нивниот став во однос на припадниците на ЛГБТИ заедницата.

M.В