/ Прочитано:

1.642

Обвинителката во „Ровер“ Раичевиќ-Вучкова: Тешко е да се одговори што е вистина, но мораме да се доближиме до неа!

Поранешен министер, шеф на обезбедување, поранешни и сегашни службени лица на МВР како и целото македонско подземје – дури и со многубројните сведочења во предметот „Ровер“ тешко се наѕира вистината. Делумно истото мислење како и јавноста го дели и застапникот на обвинението, Лидија Раичевиќ-Вучкова, која често гестикулирајќи со гласна реторика и на филмски начин во судницата се обидува да ги истакне и поткрепи своите тези. Покрај крвните и сексуалните деликти, како и дрогата, обвинителката вели дека е пред вистински предизвик да го докаже институтот „помагање“. Со месеци никој не допре до избеганите Срби кои на товар им се става двојно убиство, а во нашата судница им се суди на помагачите, па јавноста е збунета. Предметот се отвори по една деценија, иако признава дека ваквата пракса е недозволива, сепак укажува дека никогаш не е доцна да се излезе пред лицето на правдата. Мотив, материјални докази и неколку групи на сведоци кои упатуваат на заклучокот дека обвинетите се поделени на помагачи и извршувачи, обвинителката со свое видување за овој комплексен  и „матен“ предмет. 

Дали МВР има издадено меѓународна потерница по првообвинетите кои се во бегство, дали е запазена постапката тие да се донесат во судница? Од моменталната состојба произлегува дека им се суди само на помагачите, но не и на извршителите…

Да, МВР има издадено потерница ѝ е документирана, се наоѓа во судскиот предмет. Од започнување на главниот претрес за цело време сум  во контакт со службите на МВР, барам известувања дали ивршителите на ова кривично дело се достапни на органите на прогонот. Впечатокот дека им се суди на помагачите, но не и на извршителите не е поткрепен за стручната јавност. Сосема е јасно дека извршителите се одредуваат според правната квалификација. Ако зборуваме за впечатокот надвор од стручната јавност, Кривичниот законик потполно ги изедначува дејствијата на помагачите и извршителите. Се работи за комплексен предмет, структурата на обвинетите е разновидна, имаме сознанија дека извршителите се платени убијци, луѓе кои извршиле други кривични дела не само на територијата на РМ туку и пошироко. Ако го погледнете редоследот на обвинението ќе видите дека во таа структура влегува и висок функционер, група на „Лавови“ кои биле службени лица и група на помагачи кои се актуелни службени лица. Тоа значи институтот помагање е пред сериозен предизвик кои што треба степенот на злото што е сторено да го расчисти самото кривично дело. Нема да биде целта постигната ако ги гониме само извршителите, а да не бидат вклучени помагачите.

Мојот колега од „Вечер“, Огнен Чанчаревиќ, успеа да го пронајде првообвинетиот Чубрило во неговиот роден крај. Го прашав дали некој од полиција или од обвинителството го контактирал за информации како стигнал до бегалецот, во обид надлежните институции да се обидат да го донесат на судење, зошто не сте контактирале со него?

Односот на сознанијата, проверката и контактирањето на лицата  е должност на јавниот обвинител во делот на откривањето на сторителите и кривичните дела. Во однос на процесните задолженија да се донесе и да се детектираат лицата, јавниот обвинител парципира, но со оглед на тоа дека се работи на територија на различни држави, постои посебна процедура поврзана преку ресорни министерства кои тоа треба да го проверат. Јавниот обвинител според ЗКП може да контактира со било која група на граѓани и со новинари, но пред да го направи тоа треба да ја оцени целисходноста на разговорот, и не смее да ги компромитира  принципите на работа на новинарот и да го доведе во било каква опасност. Впрочем за процесните претпоставки извршителите да се донесат во РМ анализирани се на ниво на колегиум сите прашања  кои совесно се разгледани. Донесен е став дека се презема сѐ и во оној момент кога ќе се создадат услови, ќе бидат донесени. Нивната кривична одговорност е предмет на расправа во овој предмет. Се надевам дека судот ќе донесе пресуда во однос на нивната вина. Тоа што не се присутни во судница нема допирна точка со исклучување на вината.

Доколку се донесе осудителна пресуда за нив, сметате дека ќе биде полесно да се отвори постапка за екстрадиција и осудените да се донесат во земјава?

Не знам дали ќе биде полесно, но тоа е ден од начините  на кој може да се дојде до нив. Впрочем дали е лесно или тешко не може да се направи паралела, сложен е начинот и сега да  се дојде до нив, а и со правосилна пресуда. Примарно водам сметка за да докажам со аргументи и докази  – дека тие се извршителите на кривичната дела. 

Досега во судница слушнавме околу 15 сведоци, пријатели, љубовници, соработници на обвинетите како и лица блиски до покојните Тушевски и Коруновски. Освен свежата меморија на Александар Василевски – Нинџа останатите сведоци како да не се сеќаваа точно за релациите меѓу обвинетите и покојниот. Ниту еден од нив гласно и јасно не посочи кои се извршителите, а кои помагачите?

Како што е сложена структурата на обвинетите, така е сложена и структурата на сведоците. Доколку, кон сведоците не пристапите кон одреден редослед ќе имате впечаток дека збирот на сведоците прави една хаотична структура  од која што тешко кој ќе може да изведе заклучок во однос на кого сведочат овие сведоци. Многу едноставно е да имаме сведок кој веднаш ќе посочи и ќе каже бев на лице-место, го видов таму обвинетиот, но да не се заборави овде се работи за планирано противправно дело. Колку што е планирано да се изврши делото, толку е размислувано како да се отстранат доказите и трагите. Мене ми е за очекување да нема луѓе коишто ќе посочат дека тоа се извршителите. Во моментот на убиството извршителите се маскирани, во ноќни часови на френквентно место каде никој не претпоставувал дека ќе се изврши убиство. Потоа имаме група на луѓе кои работат во службите за безбедност кои се наоѓаат во непосредна близина меѓутоа заради својството кое го имаат, имаат право да кажат тоа што го сметаат. Сведоците се поделени во групи во однос на тоа за какви дејствија зборуваат. Сведоци кои зборуваа за пренесување на обвинетите преку граница, сведоци кои зборуваа за начинот на работа во МВР, какви се контактите со високи функционери, какви се својствата на шефот на обезбедувањето итн.. Нивното групирање овозможува да се направи логично конструктивно размислување кое поврзувајќи ги во сегменти од одделни делови на исказот, не упатуваат на заклучокот дека обвинетите имаат придонесено едните со помагање другите со извршување. 

Еднаш во текот на постапката рековте дека Василевски не е клучен сведок на обвинителството, тогаш кој сведок е клучен во постапката?

Василевски имаше експлицитно сведочење кое остава впечаток, сведок кој директно им се обраќаше на обвинетите, ги посочуваше како лица кои се нашле на лица место, сведочеше за работи за кои јавноста би била фрапирана доколку ги знаела во тој период. Силниот впечаток му дава тежина дека тој е клучен сведок на обвинителството, но од стручен аспект тоа не е така. Свесна сум дека вакво тешко обвинение не се базира на еден или двајца сведоци, морав да ги поврзам и да ги проверам наводите на сведочењето поврзувајќи ги со другите докази и со анализа токму со одбраните на обвинетите. Кога ќе ги доведете во релација одбраната на обвинетите и сведоците ќе видите дека има комплементарност во исказите, нешто што укажува што навистина се случило. Тешко е да се одговори на прашањето што е вистина во овој предмет, но мораме да се доближиме до неа. На вакво сведочење не може да се тргнете и да кажете не може да земеме ваков сведок затоа што нема кредибилитет да ни каже што е точно. Има друга ситуација, правниците во судница добро знаат ако имаме сведок кој зборува 6 часа, кој стои на нозе, кому му се поставуваат директни и фронтални прашања и во ниеден момент не успеаа да го изместат од линија на неговото сведочење, вие не можете да тврдите дека е припремен или научил како да сведочи. Беа употребени сите механизми за контрола на сведочењето, тој не се помести од релацијата за која што јас зборувам во судницата, а тоа е што видел и што чул. 

Досието „Ровер“ се отвори по цела една деценија, Јавното обвинителство обезбеди и заштитен сведок кој најверојатно се смета за клучен, но од она што веќе е познато неговите сознанија се усни. Долгиот период дава за простор да се зборува за политички монтиран процес, а сето тоа е подгреано со обвинението за поранешниот министер. Зошто толку  голем период му требаше на обвинителството за да направи обид да се расветли ова двократно убиство?

Ова е прашање на кое ќе зборувам во свое име и ќе признам дека јавно обвинителската институција не смее да си дозволи вакви кривични дела да не се откријат во толку голем период. За ова прашање размислував кога го добив предметот, што се случувало во меѓувреме. Не знам дали тука има пропусти и простор за критики и забелешки, но за волја на вистинста ако и по 10 години истата институција најде сили и капацитет, можности, иако е тешко, да го подигне предметот на вакво рамниште за да тврди во обвинение дека ги открило сторителите на убиството, тогаш се гордеам. Ова е редок случај, а времето не е фактор, кој може да влијае на правдата и вистината. Се надевам дека други вакви предмети нема да ја доживеат оваа судбина, да помине толку време за да бидат откриени и изнесени пред судот. Што се однесува до шпекулациите за монтирање на процесите, од кога јас почнав да го работам предметот, од ноември 2012 година,  во ниту еден момент немаше траг за да заклучам дека некој нешто монтира. 

Со какви материјални докази располагате со оглед на тоа што станува збор за сериозно обвинение, имате ли докази што ги поврзуваат помагачите со двократното убиство?

Во предметот има три вештачење за анализа на оружјето и за видот и трагите на возилото „Ровер“. Потврди за одземени предмети од лицата кои што се усмртени, имаме фотодокументација, обдукционен протокол за бројот, видот и карактерот на повредите и на каков начин се застрелани. Во предметот се наоѓа и едно цеде, но овој доказ не е изведен, па затоа ќе молчам. Можам само да кажам дека на цедето се мотивите за убиството. Оружјето со кое е убиен Марјан Тушевски се наоѓа во судот. Исто така ги имаме и чаурите од другите оружја со кои се усмртени,  но за жал останатото оружје  не е најдено.

Судскиот процес не само што ја подотвори пандорината кутија на МВР во смисла на поставеноста на структурите на МВР и нивното функционирање, кабинетотот на министерот, тајната полиција туку слободно може да се каже дека се спомена цело подземје… Од исказите на сведоците произлегоа и контрадикторности, а за предметот се добива впечаток дека е заплеткан, нејасен, а уште повеќе мотивот останува во недоглед. Каква е вашата стратегија за да докажете вина кај обвинетите?

Кај дел од кривичните дела, мотивот не е елемент кој треба да се утврди, кај ова дело мотивот е елемент кој мора се утврди бидејќи убиството е извршено по нарачка. Мотивот се кристализира за луѓето кои анализираат што се случувало во тој период. За кого работеле групациите кои нелегално влегле во земјава, каква била криминалната сруктура во тоа време. Мораме да го активираме целиот механизам за да се утвриди што навистина се случило. Она што беше како тајно и за кое не смее да се зборува, кога ќе се стори кривично дело според меѓународните конвенции за правата на поединците, тајното се повлекува. Ако мора да утврдите вина кај некое лица мора да испрашувате се, па дури и како работат тајните служби. Она што го слушнавме во судница, не се единствените нивни доктрини, тоа беше сегмент кој што е поврзан со кривичното дело. 

Какви противници цените? Од она што го слушнавме во судница се доби впечаток дека одбраната и обвинетите Ве доживуваат како „професорка“, како вие ја доживеавте одбраната?

Всушност сум им благодарна на моите колеги адвокати. Преку начинот на кои што ми се обраќаат и ми даваат епитети кои не се во склад со мојата сегашна функција, покажуваат колку ја почитуваат институцијата што стои наспроти нив. И покрај тежината и статусот на обвинетите овозможија без ескалација на емоции, вулгарности да имаме атмосфера која што е пријатна и функционална. Сѐ се одвива нормално, за театралноста која ја употребуваат, и јас ја употребувам понекогаш за судењето да го приближиме кон животот. Ако биде строго рационално ќе биде неприродно за средината и за поводот. Хумористичните моменти се освежувачки, го подигнуваат моралот на обвинетите. Со еден збор јас сум задоволна од адвокатите.


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 26.03.2013