/ Прочитано:

1.240

Обвинителните предлози на СЈО распоредени кај двајца судии од Кривичниот суд

Едниот предмет се однесува на уништувањето на документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува на протестите пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се 7 лица кои се осомничени за кривичното дело фалсификување на службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица кои се осомничени за кривичното дело насилство. На нив ќе работат судиите Лидија Петровска и Татјана Михајлова.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

Обвинителните предлози кои ги достави Специјалното јавно обвинителство до Кривичниот суд во четвртокот, во согласност со електронскиот систем за распределба, се распоредени кај двајца судии од одделот Кривично полнолетни за понатамошно постапување, потврдуваат од Судот. На нив ќе работат судиите Лидија Петровска и Татјана Михајлова.

Двата предмети се нови, работени по скратена постапка бидејќи Обвинителството имало доволно докази за да изготви обвинителни предлози и да ги достави до Кривичниот суд.

Едниот предмет се однесува на уништувањето на документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува на протестите пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се 7 лица кои се осомничени за кривичното дело фалсификување на службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица кои се осомничени за кривичното дело насилство.

Од Судот појаснуваат дека, поради тоа што се работи за кривична постапка која се води по новиот Закон за кривичната постапка, во согласност со членот 468 и со членот 469 од Законот, овие постапки може да бидат поведени врз основа на обвинителен предлог или приватна тужба и станува збор за забрзана постапка за која е запретена парична казна или казна затвор до 5 години.

„За овие предмети не е предвидено водење на предистражна постапка, туку обвинителниот предлог или приватната тужба треба да биде комплетирана и документирана со цврсти докази кои даваат повеќе од разумно сомнение за сторено кривично дело и Судот не би требало да има тешкотии за утврдување на фактичката состојба, со долго водење на главната расправа“, велат од Кривичниот суд.

Од овие причини, ЗКП во членот 472 и во членот 474 предвидува дека по распоредување на обвинителниот предлог или приватната тужба, судијата има обврска да испита дали е надлежен и дали постојат услови за отфрлање на предлогот или приватната тужба или во спротивно да закаже главна расправа за која ќе ги извести странките со покана и ќе им достави примерок од обвинителниот предлог или приватната тужба.

Минатата недела специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека очекува Судот да ги распореди предметите најбрзо што може и да закаже главна расправа бидејќи законските рокови налагаат тоа да биде сторено во рок од осум дена од приемот на предметот.

Ленче Ристоска и Катица Јанева, прес за вториот Извештај

Од Кривичниот суд пак наведуваат дека во однос на роковите од 8 дена за закажување на главна расправа, кои се спомнувале во јавноста од страна на странките и од одредени правници, потребно е да се нагласи дека за испитување на обвинителниот предлог или приватната тужба и за закажување на главна расправа, Законот не предвидува формално утврдени рокови, освен во случај кога се работи за притворски предмет кој се води по брза постапка и за кој, доколку е определена мерка притвор по предлог на јавниот обвинител, во претходна постапка, притворот не може да трае подолго од 8 дена до поднесување на обвинителниот предлог, што е јасно предвидено во членот 470 од ЗКП.

„Во овие два предлози овластениот обвинител воопшто не предложил до Судот определување на некоја од мерките за обезбедување присуство. Од овие причини ја информираме јавноста дека, за да не дојде до одредено дезинформирање во однос на роковите за постапката, за сè што е поврзано со понатамошниот дел од постапка Судот ќе информира навреме “, велат од Судот.

Од СЈО изјавија дека, бидејќи истрагата е целосно завршена, тие нема да предложат мерки за обезбедување на лицата опфатени во предметите.

Ова се првите обвинителни предлози кои СЈО, на годишнината од своето формирање, ги поднесе до Кривичниот суд.

М. С.

Лица од извршната власт и службени лица од УБК осомничени во новите два предмети на СЈО