/ Прочитано:

2.254

Обвинителство: Смртта на Младенов несреќен случај, мобилниот телефон не е пронајден

Среда, 10 јули 2013 – Од преземените дејства за испитување на несреќата, произлегува дека до сообраќајната незгода не дошло како резултат на кривично дело за кое се гони по службена должност, информираше денеска претседателката на скопското Јавно обвинителство, Гордана Гешковска во врска сообраќајната незгода во која животот го загуби новинарот, Никола Младенов.

Според наодите на Јавното обвинителство нема елементи на кривично дело во сообраќајката во која на 26 март годинава загина сопственикот и главен и одговорен уредник на „Фокус“, Никола Младенов,  надлежните институциите и официјално го затворија случајот.

„Констатирано е дека на телото на Никола Младенов имало поголем број на повреди, но смртта настанала како резултат на раскинување на аортата. Вештите лица посочуваат дека до ваков раскин доаѓа кај возачи кој возат со поголема брзина. Нивниот заклучок е дека возилото кое управувало со 142 километри на час при удар во бакината излетало од автопатот“, посочи на денешната прес-конференција Гешкоска.

Телото на Младенов било најдено надвор од возилото на оддалеченост од седум метри и според вештачењето и трагите најдени на неговата облека излетал од предниот дел на шофершајбната.

Обвинителството не нашло траги на други лица во автомобилот како и надвор од него, не е утврдено кога точно настапила смртта.

Гешкоска ги негираше тврдењата дека Младенов бил лоциран по сигналот на мобилниот телефон, наведувајќи дека телефонoт не е пронајден.

„Движењето на возилото не е најдено по сигналот на телефонот, туку по јавување на две лица кои минувале оттаму и забележале превртено возило“, објасни обвинителката. Сообраќајката, како што рече, била пријавена во полициска станица во Петровец на 27-ми март во 12.30 часот.

На разговор во Обвинителството била повикана сопругата на Никола, Билјана Младенова која рекла дека не знаела каде бил вечерта нејзиниот сопруг. Исто така, била извадена листа на појдовни и дојдовни повици кон неговиот телефон, но според базните станици не можело да се утврди каде бил Младенов, бидејќи последната комуникација на неговиот број била околу 16 часот.

„Ние не можевме и не знаевме како да утврдивме каде бил претходно, не утврдивме“, изјави јавниот обвинител Марко Зврлевски

Камерите на патарините Скопје-Велес, според Обвинителството не работеле или не биле поставени, а на разговор не се повикани вработените на наплатните рампи, како ни други соработници на Никола Младенов, бидејќи според Гешковска, единствено очевидец на местото на настанот би им дал повеќе податоци за случајот.

Повторниот увид што беше направен на лице место по најдените траги од страна на новинари, од судот велат дека бил направен, бидејќи од лице место се собирале траги од други сообраќајки.

Фискалните сметки од наплатните рампи кои беа прикажани во напис на „Нова Македонија“, а според весникот биле пронајдени на местото на несреќата, досега, како што рече Гешкоска, не биле предадени ниту во Обвинителството, ниту во судот, ниту во полиција. 

„Прашајте ги тие од „Нова Македонија“ што е со фискалните сметки од „Нова Македонија“. Ние на лице место такви траги и фискални сметки не најдовме“, порача Зврлевски.

На прес-конференцијата на која беше забележано присуство на огромен број новинарски екипи, покрај Гешкоска и Зврлевски присуствуваа и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, претседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски и истражниот судија кој вршеше увид на местото на несреќата Душан Јосифов.

Елена Павловска