ОБВИНИТЕЛСТВО: Српски државјанин шверцувал мигранти преку Македонија
Разликата во дејствувањето на групата осомничена во „Којот“ и на уапсениот српски државјанин, како што велат од Обвинителството, е во тоа што кај првите средствата за превоз на мигранти биле договарани преку посредници, додека во вториот случај тие биле директно побарани од мигрантите.
Српски државјанин е уапсен под сомнение дека заедно со уште едно непознато лице шверцувал мигранти кои ги прифаќал од Гевгелија со цел да ги пренесе во Србија, информираат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Договорот за шверц почнал да се реализира вчера, кога осомничениот преку непознатото лице и за паричен надоместок прифатил 11 мигранти, од кои седум биле малолетни, кои требал да ги пренесе со своето патничко возило до Србија.
Кај сторителот се пронајдени и одземени се 1 700 евра за кои постои основан сомнеж дека потекнуваат од претходно извршени кривични дела на шверцување мигранти. Истрагата треба да утврди дали се парите криминален приход или се со легално потекло, а Министерството за внатрешни работи треба да го пронајде вториот сторител, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека ова е прв случај во кој државјанин на Србија е осомничен за шверц на мигранти.
„Сторителите, користејќи го екот на туристичката сезона и транзитот на голем број на туристи од Србија кон Грција по коридорот Куманово–Гевгелија по Вардарската Долина, ги прикриваат своите криминални активности на сметка на зголемената фреквенција на сообраќајот. Тие како туристи легално влегуваат во Република Македонија и се движат со возила со странски регистарски ознаки по овој коридор, што во обратна насока е позната рута по која се движат мигрантите“, велат од Обвинителството.
Претходно, Обвинителството отвори истрага за предметот „Којот“ во која опфатена е поголема група на шверцери на мигранти.
„Осомничените подолг временски период, како група, на организиран начин вршеле прифаќање и превоз на мигранти низ територијата на Република Македонија, од Република Грција кон Република Србија. При тоа, врз мигрантите има извршено и разбојништва на начин што припадници на групата ги пресретнувале мигрантите и лажно им се претставувале како припадници на македонската полиција, при што со употреба на сила им ги одземале паричните средства, мобилните телефони и други подвижни предмети“, велат од Обвинителството.
Разликата во дејствувањето на групата осомничена во „Којот“ и на уапсениот српски државјанин, како што велат од Обвинителството, е во тоа што кај првите средствата за превоз на мигранти биле договарани преку посредници, додека во вториот случај тие биле директно побарани од мигрантите.
Српскиот државјанин е осомничен дека го сторил кривичното дело – криумчарење мигранти од чл. 418-б ст. 4 в.в. со ст. 2 в.в. чл. 22 од Кривичниот законик, а на барање на Обвинителството Кривичниот суд му одредил притвор во траење од 30 дена.
АКЦИЈА „КОЈОТ“: Осомничени шеснаесет лица, a за девет Обвинителството побарало притвор