/ Прочитано:

861

Писториус низ грчевит плач: Немав намера да ја убијам, мислев дека пукам во провалник

Вторник, 19 јануари 2013 / 14:30 – Адвокатот на Писториус го прочита исказот на параолимпиецот кој видно вознемирен не можеше да престане да плаче.  „Јас и Рива бевме длабоко заљубени и среќни“, вели во својата писмена изјава  каде тврди дека пукал низ вратата од тоалетот мислејќи дека некој провалник влегол во неговиот дом низ прозорецот од тоалетот. Сослушувањето пред судот е предвидено да трае два дена. Одбраната бара ослободување со кауција, додека обвинителството смета дека Писториус треба да остане во истражен затвор до процесот инсистирајќи на обвинение за убиство со умисла. 

Во својот исказ Писториус наведе дека најпрво двајцата лежеле во креветот во спалната, потоа тој станал и се упатил кон балконот за да ја затвори вратата. Слушнал необични звуци кои доаѓаат од тоалетот за кои што тврди дека мислел дека се работи за провалник. Како што појасни го земал сопствениот пиштол, испукал 4 куршуми кон вратата од тоалетот, а потоа кога се вратил во спалната забележал дека неговата девојка не е во креветот. Во тој момент се освестил дека можеби деојката се наоѓа во тоалетот, кршејќи ја вратата со крикет палка  провалил во тоалетот, но веќе било доцна. Рива Стенкамп починала во неговите раце.

11:10 – Параолимпиецот Оскар Писториус денеска повторно се појави пред истражниот судија во судот во Преторија, Јужна Африка за убиството на неговата девојка Рива Стенкамп. Во тек е сослушување на кое копјата се кршат околу клучното прашања дали се работи за убиство со умисла како што тврди обвинителството наспроти тврдењето на одбраната дека Стенкамп е убиена мислејќи дека се работи за провалник. 

Според обвинителството се работи за убиство со умисла, односно дека тој ја застрелал својата девојка со четири куршуми  низ затворената врата од тоалетот.  Јавниот обвинител Гери Нел пред судот го утврди текот на настаните, според кој Писториус станал од неговиот кревет ставајќи ги протезите на нозете, го земал пиштолот, застанал на 7 метри од вратата на тоалетот и ја застрелал Стенкамп низ вратата со 4 куршуми, од кои 3  биле смртоносни.

„И да мислел дека се работи за провалник повторно е убиство со умисла, но зошто провалник би се заклучил себеси во тоалет?“ праша обвинителот.

Одбраната на спринтерот, адвокатот Бери Рокс тврди дека не се работи за убиство со умисла.

„Ова не е дури ниту убиство“, се обрати тој пред судот.

Посочи дека Писториус мислел дека се работи за провалник, прашувајќи како тој можел да знае дека Стенкамп е позади вратата.  Се запраша како обвинителство ги носи овие заклучоци, односно врз основа на кои факти кога немаат сведок што ги потврдува нивните наводи.  Во продолжение Рокс посочи повеќе случаи во кои луѓе убиле членови на сопственото семејство мислејќи дека станува збор за провалници и крадци. Според адвокатот на Писториус, тој ја скршил вратата од бањата со цел да ѝ помогне на Стенкамп откако сфатил дека всушност пукал во неа, што е сосема нормална реакција.

Се очекува исказот на Писториус и одлуката на судијата дали тој ќе биде ослободен со кауција како што бара одбраната или ќе биде ставен во притвор. Сослушувањето го следат над 200 новинари, а присутни се и членови на семејството на олимпиецот. 

>> Обвинителството планира да го гони параолимпиецот Оскар Писториус за убиство со умисла