/ Прочитано:

1.112

Обвинителството итно да го расчисти случајот „Јавна соба“, бараат од Платформата за родова еднаквост

Платформата за родова еднаквост денес одржа прес-конференција, на која упати барања до Јавното обвинителство и до Советот на јавни обвинители за конечно разрешување на случајот „Јавна соба“ и доследно давање заштита на жените жртви на родовозасновано насилство. Од Платформата бараат Обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 Март, кои ќе покажат дека конечно овие институции преземаат мерки.

Од Платформата за родова еднаквост изјавија дека ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект, доколку сторителите избегнуваат кривична одговорност за делото.

Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост изјави: „На ваков начин, се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво,  насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми. Иако ‘Јавна соба’ е случај кој го привлече вниманието на целата јавност, сепак, по една година случајот сѐ уште нема завршница, а сторителите се гонат само за кривичното дело ‘производство и дистрибуција на детска порнографија’. Искуствата на жените на кои со години им обезбедуваме бесплатна правна помош и други услуги сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките. Од страна на обвинителствата има ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки, што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите.“

За овие состојби здруженијата побараа одговорност и од Советот на јавни обвинители, кој според нив недоволно ги користи своите надлежности за контрола над работата на јавните обвинители кои непрофесионално и ненавремено ја извршуваат својата функција во однос на кривичните постапки за родовозасновано насилство.

Здруженијата побараа и поголема ефикасност и посветеност и од страна на специјализираното Одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања бидејќи низ годините се сретнале и со полициски службеници кои самите се сторители на насилство.

„Од вас очекуваме да преземете мерки во надлежност на Обвинителството и Советот за да обезбедите ефикасна заштита на животот и здравјето на жените жртви на насилство преку навремено, ефикасно, внимателно и сеопфатно спроведување на кривични постапки против сторителите, притоа имајќи предвид дека насилството врз жената не е личен и приватен проблем, туку ваша одговорност. Ние повеќе не прифаќаме изговори или префрлување на одговорноста на другите институции, туку бараме резултати од обвинителството – веднаш!“ дополнува Коцевска.

Во продолжение се барањата кои Платформата ги испрати до јавниот обвинител Љубомир Јовески и до претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски:

  • Кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“;
  • Обвинителни акти против сторителите од „Јавна соба“ за делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, зависно од околностите на случајот;
  • Доследно, квалитетно и навремено спроведување на предистражни и истражни постапки во случаите на насилство врз жени;
  • Засилена контрола над работата на обвинителите во случајот „Јавна соба“ и изрекување на санкции согласно закон;
  • Започнување на процес на засилена контрола над работата на обвинителите кои работат на постапки на насилство врз жени;
  • Донесување и фактична и доследна примена на внатрешна акти со кои ќе се прецизираат обврските и начинот на постапување на јавните обвинители во случаите на родовозасновано насилство, во согласност со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција).

Притвор за креаторот и за администраторот на групата „Јавна соба“

„Измени на Кривичниот законик за случаи како ‘Јавна соба’ во согласност со Истанбулската конвенција“ – Марта Гусар, адвокат

Протестен марш: Јавна соба е кривично дело

Казна затвор до три години за кривичното дело „Демнење“ како нова законска измена

Пендаровски за случајот „Јавна соба“: Одговорност мора да има во најкус можен рок

Платформата за родова еднаквост: Скандалозен однос на Обвинителството кон кривичните дела од „Јавна соба“

М.В