/ Прочитано:

1.284

Обвинителството ќе постапува по кривичната пријава во врска со снимањето на играна серија

До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на Управата за финансиска полиција е поднесена кривична пријава против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик, информираат од ЈОРМ.

„Лицето како раководен субјект на Агенцијата за филм во периодот од октомври 2016 година до септември оваа година, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување го оштетило Буџетот на Република Македонија за износ од 68.000.000,00 денари. Имено, при постапката за финансирање на Проектот – играна серија „Македонија“, осомниченото лице овозможило Друштвото за филмска и видеопродукција „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје да се стекне со противправна имотна корист во погоре наведениот износ, а на штета на Буџетот на Република Македонија.

Како што веќе информиравме, за овој случај Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по известување од Управата за финансиска полиција, минатиот месец отвори предистражна постапка, денешната кривична пријава е земена во работа и по истата се постапува. За понатамошниот тек на истрагата јавноста континуирано ќе биде известувана“, се вели во соопштението на ЈОРМ.

M.В