/ Прочитано:

1.294

Обвинителството за организиран криминал го примило барањето на СЈО за Божиновски и треба да одговори во рок од осум дена

„По писмено барање од СЈО, јавните обвинителства се обврзани, во рок од 8 дена, да предадат кој било предмет по кој постапуваат за да се одлучи дали предметот спаѓа во надлежноста на специјалниот јавен обвинител, согласно неговите/нејзините овластувања определени со овој закон“, се наведува во Законот.

Зоран Божиновски

Надлежниот јавен обвинител кој го води предметот за Зоран Божиновски го примил барањето на Специјалното јавно обвинителство за преземање на случајот.

Како што потврдуваат од Обвинителството за организиран криминал и корупција, барањето на СЈО е во рацете на обвинителот. Тој има рок од осум дена да постапи по барањето на Катица Јанева.

Според членот 11 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, СЈО може да преземе контрола врз предметите кои спаѓаат во неговата стварна надлежност во која било фаза од постапката.

„По писмено барање од СЈО, јавните обвинителства се обврзани, во рок од 8 дена, да предадат кој било предмет по кој постапуваат за да се одлучи дали предметот спаѓа во надлежноста на специјалниот јавен обвинител, согласно  неговите/нејзините овластувања определени со овој закон“, се наведува во Законот.

Понатаму, СЈО има рок од осум дена да одлучи дали бараниот предмет спаѓа во негова надлежност.

Во вчерашното соопштение од Специјалното јавно обвинителство беше наведено дека го бараат предметот за Зоран Божиновски, кој првично беше опфатен во предметот „Шпион“, бидејќи веќе имаат воспоставено надлежност над овој предмет.

Зоран Божиновски се наоѓа во притвор откако во април годинава беше екстрадиран од Србија во земјава. Според обвинителниот акт кој го поднесе Обвинителството за организиран криминал и корупција, Божиновски се товари дека ги сторил кривичните дела: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в. со чл. 45 и уцена од чл. 259 ст. 2 в.в. ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик.

Предметот сè уште не е распределен кај судија и сè уште не е закажано рочиштето за него.

Божиновски првично беше опфатен во предметот „Шпион“, но бидејќи беше недостапен, предметот за него беше раздвоен. За „Шпион“ Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе пресуда која беше обжалена пред Апелациониот суд. Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство, кое во септември, за кога е закажана следната јавна седница, треба да се произнесе за наводите во жалбите на одбраната.