/ Прочитано:

1.760

Обврските, забраните и глобите за скијачите во новиот Закон за скијалишта

Во Собранието на Република Македонија предложен е Законот за скијалишта. Со Предлог-законот за скијалишта се пропишуваат условите за уредување, одржување, опремување и користење на скијалишта, правата и обврските на управувачите и корисниците на скијалиштата, обезбедување на услуги на скијалишта, обележување и поставување на сигнализација на скијалишта, користење на превозни средства на скијалишта, безбедност и ред на скијалиштата, подучување на скијалиштата, како и други прашања што се од значење за користење на скијалиштата.

akad 3

Во Предлог-законот се дефинира дека „скијач е физичко лице кое во рекреативни цели се занимава со скијање на скијалиште, или се наоѓа на ски-патеката со цел да скија“. За скијачите во членот 51 се пропишува дека тие се должни да ги почитуваат правилата за ред на скијалиштето и упатствата и предупредувањата што им ги даваат редарите. За непочитувањето на правилата се пропишуваат и казни од 30 до 300 евра.

Во членот 51, се пропишува дека скијачот е должен:

1) на патеката да се однесува на начин што не ги загрозува или повредува другите;

2) да вози внимателно и брзината и начинот на возење да ги прилагоди кон своето знаење и условите на патеката (опкружувањето) и делот на патеката, на временските и снежните прилики, како и на бројот на скијачи на патеката;

3) да одбере линија (правец, насока) на возење така што не ги загрозува скијачите кои возат пред него и да биде во можност благовремено да одбегне судир со кое било лице или објект пред себе;

4) да ги претекнува другите скијачи, било лево или десно, секогаш на такво растојание коешто им дава доволно простор за сите нивни покрети (движења);

5) кога сака да се вклучи во возењето на определена патека или кога, по сопирање на патеката, продолжува да вози, задолжително да се увери, со гледање над и под себе, дека може тоа да го направи без опасност за себеси и другите;

6) да не застанува ако тоа не е нужно (прекин на возењето) на тесни и непрегледни делови на патеката и во случај на пад што е можно побрзо да ослободи простор;

7) во случај кога се качува, односно се враќа по патеката или кога се симнува пешки, за движење да го користи исклучиво работ на патеката;

8) да не се качува по патеката пеш туку да ја користи жичарата;

9) да ги почитува поставените ознаки и сигнализација;

10) во случај на несреќа на патеката да даде помош на другите;

11) во случај на несреќа, без оглед дали е сведок или учесник, да ги даде своите податоци за идентификација на надлежната служба на скијачкиот центар (редарска или спасувачка);

12) да ги почитува упатствата на редарите;

13) да скија со исправна и соодветна опрема, а посебно да користи скии коишто се опремени со средства (везови и друго) кои можат да ја сопрат скијата во случај таа да се оддели од скијачот;

14) да не остава на патеката или да фрла на патеката предмети и материјали што можат да ја попречат или загрозат безбедноста на другите скијачи;

15) за скијање на скијалиштето да ја користи исклучиво маркираната патека, освен во случај на опасност;

16) ако скијалиштето се наоѓа во заштитено подрачје, во согласност со закон, да ги почитува правилата кои се за користењето на заштитеното подрачје утврдени во согласност со законот, од правното лице коешто управува со заштитеното подрачје;

17) скијањето да го прилагоди на условите на патеката кога неповолни временски услови го зголемиле степенот на тежина на патеката и

18) доколку е на вораст до 14 години задолжително да носи заштитна спортска кацига.

Скијачот не смее:

1) да скија на скијалиште, односно патека којашто е означена како затворена;

2) да уништува, да отстранува, да оштетува или на друг начин да ги загрозува поставените ознаки и сигнализација на скијалиштето;

3) да скија на патеката доколку е под дејство на алкохол, дрога или некој психоактивен лек, односно средство коешто негативно влијае на неговите способности;

4) да го напушти местото на судир со друг скијач пред да ги даде податоците за идентификација на редарската служба, освен во случај кога тоа е неопходно поради давање итна медицинска помош на повредениот, во кој случај по предавање на повредениот на медицинска грижа, ќе се јави на најблиската редарска служба на скијачкиот центар;

5) да скија наназад (назачки) и

6) да поставува какви било ознаки или да остава какви било работи (без надзор) на скијалиштето без дозвола на скијачкиот центар.

Лица со сноуборд, лица што се натпреваруваат и се учесници во други скијачки дисциплини  се должни покрај мерките утврдени со ставот 2 од овој член, да преземат и други мерки коишто се соодветни на природата на конкретната зимска спортска активност, во согласност со соодветните меѓународни спортски активности (правилата на FIS).

Во предложениот Закон се пропишува дека глоба во износ од 150 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок ако скијач со возењето ја загрози безбедноста на ски-патеките и ако скијач ги уништи, ги отстрани или ги оштети ознаките или сигнализацијата на скијалиштето. Глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност  ќе  се изрече  на физичко лице ако се однесува спротивно со одредбите на членот 51 .

Во Предлог-законот, исто така, се пропишува дека скијачкиот центар е должен, за време на работа на скијалиштето, да обезбеди редарска служба којашто мора да има соодветен број на редари за ефикасно да го осигури безбедното користење на скијалиштето (патроли, дежурни места и друго), во согласност со одредбите на овој закон и правилата за ред на скијалиштето.  Се утврдува дека инспекцискиот надзор ќе го вршат инспекторите за спорт.

„Во вршењето на своите должности, редарот е овластен привремено да ја прекине употребата на скијалиштето, да ја одземе картата за возење со жичара, да ги предупреди, односно да ги оддалечи од скијалиштето или дел од истото лицата коишто не се придржуваат до правилата, не располагаат со исправна скијачка опрема, кои прават неред на појдовните станици на жичарите или се под дејство на алкохол или дрога. Редарите ќе ги известуваат инспекциските служби доколку скијач или друг непосреден корисник на скијалиштето, при користењето на скијалиштето, не се придржува до утврдениот ред на скијалиштето“, се пропишува во Законот, во кој се вели и дека редарите ќе го известуваат и МВР  доколку редарите се соочуваат со давање на физички отпор.

М. В. / veljanoskim@akademik.mk