/ Прочитано:

2.246

ОЦЕНА НА ОБВИНИТЕЛЕН АКТ: Логистичарите на кумановската група велат дека случајот против нив е монтиран

„Осомничените имале конкретни задачи, и тоа да обезбедат поддршка на кумановската група, да овозможат илегален премин на членови од групата од Косово, да најдат сместување на групата во објекти и куќи во Косово и во Македонија, да обезбедат храна, да соберат информации за движењето на полициските единици и да вршат опсервација на конкретни локации и објекти“, рече обвинителот Пановски на денешната Јавна седница за оцена на обвинителниот акт, која се одржа во Кривичниот суд.

Судење Дива Населба, надвор

Осумчлената група, осомничена во случајот кој е познат во јавноста како „Молња“, била логистика на кумановската група обвинета за нападот на полициската станица во Гошинце и во кумановската Дива Населба.

Како што истакна застапникот на обвинението од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Наум Пановски, организаторите на кумановската група регрутирале лица од локалното население кои ќе им дадат логистичка поддршка.

„Осомничените имале конкретни задачи, и тоа да обезбедат поддршка на кумановската група, да овозможат илегален премин на членови од групата од Косово, да најдат сместување на групата во објекти и куќи во Косово и во Македонија, да обезбедат храна, да соберат информации за движењето на полициските единици и да вршат опсервација на конкретни локации и објекти“, рече обвинителот Пановски на денешната Јавна седница за оцена на обвинителниот акт, која се одржа во Кривичниот суд.

Со овие дејствија, потенцираше Пановски, осомничените ја помагале вооружената група.

Во понатамошното изнесување на обвинителниот акт, Пановски истакна дека дел од осомничените биле задолжени за криење на оружјето, дел од нив имале задача да го стават на располагање оружјето кое претходно било обезбедено, еден од групата информирал за полициското движење, двајца учествувале во префрлувањето на групата од Косово во Македонија, а потоа од село Отља во кумановската Дива Населба. Пановски во образложението на обвинителниот акт се фокусираше и на дејствијата што ги презела кумановската група при нападот во полициската станица во Гошинце и во Дива Населба кои се содржани и во обвинителниот акт за случајот „Дива Населба“, а осумчлената група осомничена за помагање ја поврза и со обвинетиот за случувањата во Дива Населба, Фадиљ Фејзулаху, во чиј биле сместувани припадниците на вооружената група.

„Со ваквите дејствија осомничените ги сториле кривичните дела терористичко организирање и тероризам и поради тоа барам од судот да го одобри обвинителниот акт“,  потенцираше Пановски.

Осомничените: Фазли Османи, Мусадик Пајазити, Рахми Љатифи, Сеабудин Абдулахи, Ејхам Арифи, Ибраим Муртезани, Ебиб Алија и Бесник Бајрами пред судот истакнаа дека не се чувствуваат за виновни. Тие го разбираат обвинителниот акт кој им се става на товар, но велат дека не ги сториле делата кои се наведени во него.

Осомничениот Рахим Љатифи потенцираше дека не се чувствува за виновен и дополни дека ова е политички монтиран процес.

Одбраната побара обвинителниот акт да биде отфрлен

Адвокатот Асмир Алиспаиќ, кој го застапува првоосомничениот Фазли Османи, истакна дека Обвинителството не обезбедило доволно докази со кои може да се потврди дека тој ги сторил кривичните дела кои му се ставаат на товар.

Судење Дива Населба, надвор

„Осомничениот Османи е син и братучед на обвинетите во случајот ‘Дива Населба’, Сулејман Осман и Ерхан Арифи. Обвинителството има докази од спроведени посебни истражни мерки, според кои во комуникацијата помеѓу овие лица, кои се роднински поврзани, не станува никаков збор за дејствување во терористичка група“, рече Алиспаиќ.

Одбраната на осомничените Мусадик Пајазити и Рахми Љатифи, адвокатката Артене Исени, во образложението на приговорот поднесен против обвинителниот акт потенцираше дека Обвинителството не зело предвид ниту еден доказ кој не му одел во прилог на обвинението.

„Постојат докази кои упатуваат на нешто поинаку од она што беше сервирано од полицијата во кривичната пријава. Не е прв пат обвинителството да не прифаќа докази со кои сме убедени дека вистински ќе се расветли случајот и поради тоа барам отфрлање на обвинението“, рече Исени.

Таа понуди и своја листа на докази, која судот не ја прифати бидејќи, како што истакна судијката Љубинка Башевска, во оваа фаза од постапката одбраната нема право да предлага докази.

Делата што им се ставаат на товар на сите осомничените се идентични и нема индивидуализација на вината за ниту еден од осомничените опфатени со обвинителниот акт.

„Обвинението е неразбирливо, правно неиздржано и спротивно на правните прописи со кои се регулира оваа област и во домашното и во меѓународното право“, рече еден од адвокатите.

По разгледување на приговорите на обвинителниот акт, судот треба да донесе одлука дали ќе го прифати обвинението и дали ќе закаже главна расправа или ќе го отфрли предложениот обвинителен акт.

Марија Севриева

„Дива Населба“