Очевидци раскажуваат за дејствијата на Ратко Младиќ за време на војната во БиХ

Понеделник, 24 јуни 2013 – Преку 30 сведоци досега сведочеа против поранешниот генерал Ратко Младиќ во Хашкиот трибунал каде му се суди за геноцид и воени злосторства врз Босанците во војната што изби по распадот на поранешна Југославија. Меѓу сведоците се појавија преживеани деца, високи функционери и тогашни команданти на мировните сили на ООН, лекари, војници како и цели семејста на жртвите. Сведоците раскажуваа за наводниот терор на Младиќ во повеќе области низ БиХ како што се Сараево, Сребреница, Фоча, Приједор и во Новосеици. 

Поранешен шеф на разузнавачката служба на босанските Срби, на судењето на Ратко Младиќ во Хаг, изјави дека високите офицери во штабот на војската знаеле за масовните убиства во Сребреница. Додека ,пак, друг сведок Драгомир Кесеровиќ кој е поранешен офицер за безбедност на Главниот штаб на војската на босанските Срби, во Хашкиот трибунал рече дека тој немал сознанија за масакрот во Сребреница извршен во јули 1995 година.

Зоран Малиниќ, поранешен командант на баталјонот на воената полиција на Главниот штаб на војската на босанските Срби, оваа недела сведочеше дека Младиќ, два дена по падот на Сребреница, на бошњачките затвореници што биле притворени на фудбалскиот терен во Нова Касаба, на 13 јули 1995 година, им ветил оти ќе ги ослободи. Притворениците по оваа изјава му аплаудирале на генералот. 

Заштитениот сведок РM-253, пак, е преживеано лице. Тврди дека тој бил меѓу 12.000 до 15.000 муслимани, „од кои една третина вооружени“, што се обидувале да се пробијат до градот Тузла, но дека на 13 јули 1995 година ѝ се предал на војската на босанските Срби. Тој потврди дека во тоа време бил припадник на босанската армија и дека бил мобилизиран во пресрет на нападот на Сребреница. Откако се предал, повеќе од 2.000 машки заробеници биле префрлени на фудбалскиот терен во Нова Касаба, каде што ги посетил Младиќ.

Мирко Тривиќ, воен командант на втората романијска бригада на војската на босанските Срби, на судењето изјави дека тој на 11 јули 1995 година, на денот кога енклавата паднала, го сретнал Младиќ во Сребреница и дека Младиќ му дал наредби. Вечерта на 10 јули, Тривиќ присуствувал на состанокот со Младиќ, Радислав Крстиќ, тогашен командант на дринскиот корпус, и Винко Пандуревиќ, командант на зворничката бригада, одржан во Братунац. Сведокот рече дека Младиќ им наредил да се подготват за продолжување на офанзивата на Жепа, уште една  енклава во источна Босна што била под заштита на ООН.

Норвешкиот мајор Торбјорн Овергард сведочеше дека, додека тој бил ангажиран како набљудувач на ООН во градот под опсада за време на босанскиот конфликт, од октомври 1994 до мај 1995 година, во населбата Храсница во Сараево „речиси секој ден имало жртви“. Според проценката на Овергард, во инцидентот што се случил на 17 ноември 1994 година, во чија истрага и тој бил вклучен, загинале „меѓу 30 и 40 цивили“, вклучувајќи и две мали деца. Овергард нагласи дека истрагата покажала дека нападите дошле од позициите на босанските Срби.

Нермин Карагиќ, сведок на обвинителството, на судењето на Младиќ во Хашкиот трибунал оваа недела, изјави дека во летото 1992 година го преживеал масовното убиство на Бошњаците извршено од силите на босанските Срби во Љубија, во близина на Приједор. Карагиќ, кој во тоа време имал 17 години, рече дека по нападот од страна на војската на босанските Срби врз селото Хамбарине, во близина на Приједор, тој, заедно со својот татко, роднини и други мажи, се сокриле во шумата. Но, во јули 1992 година, биле заробени. Откако ги одвеле во логорот Миска глава, српските војници одвоиле десет лица од групата  затвореници, кои биле притворени во истата просторија во која бил и Карагиќ. Тој заедно со другите затвореници бил одведен на стадионот во Љубија, каде почнале да ги редат покрај ѕид и да ги егзекутираат. Сведокот изјави дека слушнал истрели и врисоци. Опишувајќи го убиството на затвореникот што стоел до него, сведокот рече: „Случајно ја свртев  главата кон него. Го убиваа веднаш до мене. Го тепа со кундаците од пушките и со бајонети“.

Судењето продолжува во текот на оваа недела.