/ Прочитано:

1.238

Од адвокат на народот до државничка икона на Африка: Нелсон Мандела останува синоним за мирот на светскиот поредок

Нелсон Мандела, борец против јужноафриканскиот режим на апартхејдот и поборник за мир во светот, е една од највпечатливите државнички икони на Африка. Неговата пожртвуваност во борбата за народот во голема мера почива на правната подлога што со години ја има градено, одржувано и проширувано како адвокат. Цврсто убеден дека тамошниот загрозен народ од црната раса има акутна потреба од застапници што ќе застанат на нивна страна, Мандела бил силно поттикнат да работи на својата адвокатска кариера за да им излезе пресрет на своите луѓе и да им помогне во справувањето со најгорливите предизвици наметнувани од режимот. Кариерата на Мандела во адвокатурата до денешен ден е пример за углед на светската адвокатска интелигенција, уверливо укажувајќи на важноста на непристрасниот и отворен приод кон вршењето на адвокатската дејност.

Еден од највпечатливите африкански државници, Нелсон Мандела, борецот против режимот на јужноафриканскиот апартхејд и поборник за негова замена со повеќерасна демократија, е човек на историјата на победниците. Со својата харизма, со непретенциозната смисла за хумор и со острината на разумот Мандела за кусо време ѝ стана миленик на светската политичка елита. Соочен со сериозни здравствени проблеми, првиот претседател на Јужноафриканската република од црната раса се повлече од јавниот живот во 2004 година, со цел да минува што повеќе време со семејството. Неговиот животен пат — од почетоците во адвокатурата насочена кон помагање на народот, преку одлежаната 27-годишна затворска казна, сѐ до вршењето на функцијата претседател на Јужноафриканската Република — се остварува како крајно непредвидлив, но успешен во многу погледи.

Мандела несебично го посвети својот живот на борбата против расизмот во апартхејдот во Јужна Африка, што делумно го доведе и до лишување од слобода, којашто од сегашниот гледен агол се покажува како непроценлив влог за спас на правата на црнците од драконската политика на апартхејдот во Републиката. Неговата пожртвуваност за народот во голема мера почива на правната подлога што Мандела со години ја има градено, одржувано и проширувано како адвокат. Таа, сама по себе, е незаменлив инструмент за отстранување на пречките наметнати од режимот и за еманципација на црните јужноафрикански луѓе. Секојдневно среќавајќи се со случаите и со споровите пред судовите на Републиката, Мандела бил силно поттикнат да работи на својата адвокатска кариера за да им излезе пресрет на своите луѓе и да им помогне во решавањето на најгорливите проблеми: тој бил цврсто убеден дека тамошниот загрозен народ има акутна потреба од застапници што ќе застанат на нивна страна и заеднички ќе се борат.

Адвокатската канцеларија на Мандела дословно била опседната од бројните селани од целата Република, коишто соочени со својата незавидна и подредена положба, барале поддршка за справување со предизвиците наметнувани од режимот, но пред сѐ сакале да наидат на разбирање. Покажувајќи неизмерна доверба во неговите способности како адвокат, црното граѓанство постепено почнало да гледа во Мандела симбол на борбата против апартхејдот. Таа борба, како што велеше самиот, беше неговиот живот, а цврстиот непоколеблив приод кон адвокатурата наголемо го оспособи да биде неприкосновен водач на расните битки. Неговата адвокатска практика била толку моќна и упатена во подробности, како што се експлоатацијата на трудот или, пак, сегрегацијата на јавните универзитети, што владата на апартхејдот секогаш наново се обидувала да ја поткопа во темелот.

Тогашниот судски систем во Јужноафриканската република бил целосно под контрола на белците, што неминовно било знак на пристрасност. Во педесеттите години на 20 век, против Мандела е воден процесот „Ривонија“, во кој му се изрекува доживотна казна-затвор. Додека ја служел, Мандела добивал разни компромитирачки понуди — меѓу кои и една за ослободување, под услов да се откаже од какви било натамошни акти на насилство — но тој категорично ги одбивал, велејќи дека затворениците не можат да склучуваат договори и оти само слободните луѓе можат да преговараат. Во осумдесеттите години беше поведена глобална кампања против апартхејдот, чиј акцент непосредно беше ставен на ослободувањето на Мандела. Меѓународниот притисок ги натера светските челници да го затегнат обрачот околу Јужна Африка со бројни санкции.

Во 1990 година, сред сѐ погласните барања на светската јавност, Мандела беше пуштен од затвор, а истовремено беа почнати и преговори за воспоставување нова повеќерасна демократија во Јужноафриканската република. Уважувајќи ја неговата благородна мисија, Нобеловиот комитет му ја доделува во 1992 година Нобеловата награда за мир како највисоко признание за унапредување на мирот во светски рамки. Подоцна, во 1994 година, на првите демократски избори, на коишто право на глас имаат сите раси, Мандела е изгласан за прв претседател од црната раса на Републиката. Без оглед на новата висока функција, тој останува посветен на зачувување на еднаквоста на народот, силно убеден дека претседателот на земја како неговата не смее да води поинаков начин на живот од оние што со добра волја го донеле на таа функција.

Кариерата на Мандела во адвокатурата до денешен ден е пример за углед не само на африканската туку и на светската адвокатска интелигенција. Неговата борба со режимот и неговото соочување со системот уверливо укажуваат на важноста на непристрасниот и отворен приод кон вршењето на адвокатската дејност, и тоа во неколку битни погледи. Најпрвин, треба да се идентификуваат потребите на луѓето и да се пополнат увидените празнини; практиката на правото се унапредува преку покривање на човековите потреби. Понатаму, професијата треба да ја командуваат јасни принципи и да се води според однапред утврдена етика. Конечно, во ниту еден момент не смее да изостане посветеноста кон работата: ако во нешто се верува доволно силно, резултатот побрзо ќе стане видлив и ќе има двојно поголем одек во општеството.


Подготви: Далибор Стајиќ Објавено: 6.12.2013