Од денеска казни и до 5.000 евра за предвремена изборна кампања
Петок, 22 февруари 2013 – Државната изборна комисија од денеска ќе почне да ги казнува кандидатите за градоначалници или за советници на локалните избори кој ќе спроведуваат активности што значат предвреме почната изборна кампања. Правното лице кое не го почитува рокот за започнување и завршување на изборната кампања ќе се соочи се глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра предвидува Изборниот законик.
– Ќе се превземаат соодветни санкции, вели за „Капитал“ потпретседателот на телото надлежно за спроведување на изборите, Субхи Јакупи.
На санкции подлежат и радиодифузерите кои ќе ги пренесуваат предвреме почнатите претставувања на кандидатот. Kако што предвидува Законикот, глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра ќе му се изрече за прекршок на радиодифузерот ако пренесува содржини кои според Правилникот за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања се сметаат за изборно медиумско претставување, кое не е дозволено во периодот пред почнувањето на изборната кампања. Глоба во износ од 300 до 1.000 евра предвидува Законикот и за одговорниот уредник за истите дејства
Пред да стартува мониторингот, ДИК треба да ги потврди примените листи со кандидати за градоначалници и за советници, процес што ќе финишира денеска или најдоцна утре.