Од министрите во новата Влада, над 30 проценти да бидат жени, бара Националниот совет за родова рамноправност
Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) денеска упати апел до мандатарот Зоран Заев при составување на Владата да го почитува Законот за еднакви можности со кој, како што укажува Советот, жените треба да бидат застапени на сите нивоа и позиции со најмалку 30 проценти.
„Очекуваме дека ќе ја почитувате законската обврска при изборот на министри/ерки. Националниот совет за родова рамноправност како организација која повеќе од 20 години работи на родовата рамноправност бара почитување на Законот за еднакви можности со кој се гарантираат квотите од 30 до 40 проценти рамноправна застапеност на жените на одлучувачки позиции“, истакнуваат од Националниот совет за родова рамноправност (НСРР).
Цел на Законот за еднакви можности на мажите и жените е воспоставување еднакви можности на жените и мажите во политичката, економската, социјалната, образовната, културната, здравствената, граѓанската и која било друга област од општествениот живот.
Воспоставувањето еднакви можности, се вели во законот, е грижа на целото општество, односно на сите субјекти во јавниот и приватниот сектор и претставува отстранување на пречките и создавање услови за остварување на потполна еднаквост меѓу жените и мажите.
M.В