/ Прочитано:

2.006

Од полноќ почнува предизборен молк

Петок, 22 март 2013 – Вечер на полноќ завршува изборната кампања за првиот круг на локалните избори што ќе се одржат во недела на 24 март. Утре и на денот на гласањето е изборен молк.

Партиите, коалициите и независните кандидати кои се пријавија за учество на изборите во изминатите 20 дена пред електоратот ги претставуваа своите програми и кандидати и ја побараа довербата од граѓаните.

Гласањето во недела на 24 март почнува во седум изутрина и ќе трае до 19 часот. Локалните избори ќе се одржат во 80 општини и Градот Скопје. Поднесени се 350 листи за градоначалници и 480 листи за советници. На советничките листи се кандидирале вкупно 8.528 лица. На 2.976 гласачки места својот глас според избирачкиот список треба да го дадат 1.743.403 граѓани.

За градоначалник и за Советот на главниот град Скопје своето право на глас можат да го искористат 443.770 граѓани запишани во Единствениот избирачки список на 536 избирачки места.

Општина со само три избирачки места е Вевчани каде треба да гласаат 2.055 граѓани, додека Куманово има најмногу запишани гласачи во избирачкиот список 88.708 кои треба да гласаат на 128 места. Најголем број избирачки места има општина Битола дури 152, а таму треба да гласаат 81.000 граѓани.

Еден ден пред изборите односно утре, своето право на глас во казнено-поправните домови ќе го остварат 1.446 избирачи, а надвор од местото на живеење 136 избирачи со статус на внатрешно раселени лица, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Државната изборна комисија вчера ги предаде избирачките ливчиња на општинските изборни комисии кои пак се должни еден ден пред изборите да го предадат изборниот материјал на избирачките одбори, односно најдоцна до полноќ на 23 март. Локалните избори ќе ги набљудуваат 410 странски и 8.379 домашни набљудувачи.

Ова се шести локални избори во Македонија. Првите се одржаа во 1990 година, следните во 1996, во 2000, во 2005, а последните во 2009 година