/ Прочитано:

1.601

Од тоалетна хартија, преку течен сапун, до канцелариски прибор: кога почнува арамилакот на работното место?

Како да се излезе накрај со недостигот од тоалетна хартија дома? Некои си нашле едноставно решение: ако не купат од продавница, ќе земаат од работа – сè додека некому не му падне в очи дека и на работа почнала да недостига. И не само тоа: колкупати се случило вработен да си умножи материјал за свои потреби на фотокопирот во канцеларијата или набрзина да си набоде од ордеверот сервиран за клиентите? Речиси и нема човек што не се довел во искушение да се послужи со сопственоста на својот работодавач, но мал е бројот на оние што знаат дека со таков потег самите си пишуваат опомена или, во најлош случај, отказ на договорот за вработување. Трајче Саздов, адвокат од Скопје, тврди дека ваквиот вид кражби најмногу ги има во државните институции и, бидејќи исклучително тешко се докажуваат, за нив ретко се понесува одговорност.

Малите кражби на работното место ретко имаат одглас во опкружувањето. Ако командуваат какви било принципи на здравиот разум и ако не е поинаку договорено, секој вид користење на работните ресурси за приватни потреби може да се смета за забрането. Вредноста на предметот не е важна зашто никаде не е поставена долна граница, но најчесто е доволно и едно пенкало. На пример, ако вработениот во пекарницата се послужи со некој од сендвичите на продажба, неговиот престап е еднакво сериозен како и повеќекратната кражба на седишта во 2010 година, кога група работници му нанесоа милионска штета на еден познат германски производител на автомобили. Трајче Саздов, адвокат од Скопје, тврди дека овие мини-кражби најмногу ги има во државните институции и, бидејќи исклучително тешко се докажуваат, за нив ретко се понесува одговорност.

„Поаѓајќи од своето работно искуство во Фондот за здравствено осигурување, каде што поминав пет години, слободно би можел да кажам дека овој вид кражби се најчести во државните институции. Иако станува збор за ситен арамилак, подеднакво се краде и од сопственоста на институцијата и од сопственоста на вработените: чадори, сендвичи, кафе и др. За волја на вистината, со оглед на тоа што престапот не може лесно да се докаже, ретко имало случаи кога бил казнет вработен или бил избркан од работа. Законот за работните односи е јасен во поглед на санкциите: според член 82, став 5, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот, и тоа без отказен рок, ако работникот стори кражба на работното место или ако намерно, односно од крајно невнимание му предизвика штета на работодавачот“, објаснува Саздов.

Мнозинството работодавачи се помирени со практиката на „самопослужување“ на работното место, укажувајќи дека овие ситни кражби нема да ја осиромашат нивната фирма. Како илустрација може да се земе полнењето на батеријата на приватниот мобилен телефон во просториите на фирмата; од друга страна, пак, истовремено се наметнува прашањето: дали треба вработениот да го полни службениот мобилен телефон дома? Организациите што настојуваат на ред и на дисциплина вградуваат камери за набљудување на своите вработени, што во секое време може да послужи како доказ за можната кражба. Сепак, ако е односот меѓу вработениот и работодавачот проследен со тензии, некои одат и дотаму што ги злоупотребуваат овие случаи, или сомненија за некаква кражба, како повод за нечие отпуштање од работа, а тоа често изискува судска разрешница.

Еден од предметите што со години талкаа низ судниците е оној на Н.Н. против Водостопанство Вардар. Имено, тој и работниците на смена добиле отказни решенија поради кршење на дисциплината, со изговор дека го оштетиле претпријатието сакајќи да прибават противправна имотна корист при товарање поголемо количество сепариран влажен песок од декларираното. Работодавачот ја донел одлуката без внатрешна дисциплинска постапка и без каква било опомена. Згора на тоа, тој ниту го пријавил случајот во МВР како кражба, ниту поднел барање за утврдување материјална штета. Овој пример, меѓу другото, е значаен поради навременото координирано дејствување на неправедно обвинетите работници кои, кога биле обвинети за предизвиканата штета, ги пронашле сведоците и од нив зеле писмени изјави пред да помине подолго време во кое може да дојде до манипулации или до заборавање детали за настанот.


Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 17.02.2015