Хрватска по осудителната пресуда за вицепремирот Чачиќ

Четврток, 15 ноември 2012 – Хрватската јавност се крена на нозе откако хрватскиот министер за економија и вицепремиер Радимир Чачиќ, судот во Капошвар, Унгарија, го осуди на 22 месеци затвор за сообраќајната незгода од пред две години кога со својот автомобил усмртил две лица. Веднаш по судската одлука следуваше негова оставка, а по ова бура реакции и обиди на правниците вицепремиерот да бара правда во Хрватска или пак казната затвор да му се замени со условна. Дел од медиумите, судската одлука од Унгарија ја поврзуваат со случајот „ИНА – МОЛ“  што се води против поранешниот премиер Иво Санадер. 

Според хрватскиот адвокат  Дамир Приморац, има начин Радимир Чачиќ казната да ја отслужи во Хрватска.

„Најпрво е потребно осуденото лице да побара од судот во Унгарија да му се овозможи казната да ја одлежи во својата матична земја. Унгарскиот суд барањето го испраќа до унгарското Министерство за правда, а оттаму пак го праќаат до нивното Министерство за надворешни работи. Важно е да се нагласи дека доколку Унгарија и Хрватска немаат потпишано билатерален догвор за извршување санкции меѓу овие две земји, треба унгарската од хрватската Влада да побара согласност за преземање на извршување на санкции“, објаснува Дамир Приморац.

 Адвокатите изненадени од престрогата казна

Хрватските медиуми веќе два дена се обидуваат од хрватски и унгарски адвокати да дознаат дали Чачиќ може да ја избегне казната со оглед на неговата битна функција во хрватската Влада. Исто така интересен е фактот што второстепениот суд во Капошвар, ја преименува условната казна што ја донесе првостепениот суд во Капошвар во 22 месеци казна затвор. Адвокати од Унгарија велат дека се изненадени од одлуката на судот бидејќи досега тоа не било пракса на унгарското правосудство. Угледен адвокат од Будимпешта кој поради деликатната ситуација сакал да остане анонимен, објаснува зошто таквата одлука предизвикала бура од реакции.

„Сите кои сме упатени со одлуките на унгарските судови во слични ситуациите, изненадени сме од судската одлука во Капошвар. Во слични ситуации, повисоките судови ретко на таков драстичен начин да ја менуваат одлуката на пониските судови. Ако заклучиле дека пресудата е донесена врз основа на погрешни постапки и заклучоци и не се темели на законот тогаш требале предметот да го вратат на повторно судење, а не да одлучат казна затвор“, вели анонимниот унгарски адвокат.

Политички опашки на случајот со Чачиќ

Судската одлука од Капошвар не ги изненади само правниците туку и цела политичка фела во Хрватска. Од моментот кога хрватското обвинителство за организиран криминал почна да го гони поранешниот премиер Иво Санадер, дел од медиумите Чачиќ го поврзуваат со аферата „ИНА – МОЛ“ .

Според нив, Радимир Чачиќ на некој начин е поврзан со судирот меѓу ИНА и владата на Хрватска. (Со обвинението за  случајот„ИНА – МОЛ“ , Санадер се товари дека примил мито од 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска. Според обвинителството, Санадер ги предал интересите на Хрватска и потпишал штетен договор за државата). Од тука поради тоа што Чачиќ бил задолжен за сите спорови меѓу ИНА и Владата, хрватските медиуми пренесуваат две опции.

Првата е дека Жупанскиот суд во Капошвар намерно побрзал со носење на одлука, со цел истата да биде донесена пред онаа за Санадер, која ќе биде објавена на 20 ноември. Имено, со ова наводно требало да се избегнат обвинувањата дека пресудата за Чачиќ е унгарска одмазда во случај судијата Иван Турудиќ да пресуди дека Санадер примил мито од унгарската компанија МОЛ, па затоа пресудата од Унгарија ја престигнала пресудата за Санадер во Загреб.

Судијата кој го води процесот против Санадер, Иван Турудиќ

Според втората опција, судот во Капошвар се одлучил за затворска казна, за во случај Санадер да биде ослободен, тогаш унгарскиот претседател да може да го искористи своето право да го помилува Чачиќ.

 Чачиќ останува на чело на Хрватската народна партија се до неговото влегување во затвор

Иако во игра беа повеќе министри, денеска беше одлучено на вицепремиерското столче да седне неговата сопартијка од Хрватската народна партија, Весна Пусиќ, актуелната министерска за надворешни работи и европски прашања. Сепак, Чачиќ останува на чело на партијата се до влегувањето во затворската установа, вака денеска одлучило претседателството на партијата.

Според хрватската јавност Чачиќ е единствениот силен претставник на Хрватската народна партија во владината коалиција. Без Чачиќ во Владата и во владината коалиција, премиерот Зоран Милановиќ остана без главниот политички партнер. Чачиќ се обиде да ја преземе контролата врз главните сегменти на хрватската економска политика. Крајно е неизвесно дали Пусиќ ќе успее да се носи таквата одговорност.