/ Прочитано:

1.617

Од утре ќе му се суди на полицаецот од Гостивар, обвинет за двојно убиство

Полицаесот Јаким Трифуновски, фотографиран по убиството

Четврток, 6 септември 2012 – Утре во Основниот суд Гостивар треба да почне судскиот процес против гостиварскиот полицаец Јаким Трифуновски, на кој му се суди за двојно убиство. Според наводите во обвинението, полицаецот Трифуновски најпрво бил нападнат и тепан, за потоа со службениот пиштол да ги усмрти Бесник Шеапи и Имран Мехмеди. Овој случај кулминираше со етнички тензии и протести во неколку градови низ земјава.

Одбраната на загинатите момчиња е адвокат Вулнет Пачуку, а судскиот процес ќе го води гостиварскиот судија Бранко Секулоски. Бранител на полицаецот Јаким Трифуновски во истрага бил адвокатот Митко Солаков, а утре ќе се знае кој адвокат ќе има полномошно за да го застапува обвинетиот. Застапник на обвинението е обвинителот Душица Димитриевска. 

Преку социјалните мрежи веќе се повикува на присутност пред Основниот суд Гостивар, а се очекува овој процес да биде проследен со огромно медиумско внимание. Истрагата за овој случај траела неколку месеци, се направиле и неколку вештачења. Според информациите објавени во медиумите, истрагата открила дека убиството се случило поради кавга за паркинг место. Откако убиените момчиња наводно му се заканиле со овие зборови: „Знаеме кој си, знаеме дека си полицаец, те знаеме многу добро. Немој во иднина да го паркираш возилото овде зошто ќе ти го искршиме и тебе ќе те убиеме“, обвинетиот пукал во нив. Утре се очекува тој да ја раскаже својата верзија за немилиот настан.

Наводната кавга за паркинг место што заврши со двојно убиство ги подигна меѓуетничките тензии до висока критична точка. По убиството во Гостивар имаше демонстрации низ повеќе градови, а демонстрантите својот бес го искажаа врз прозорците и излозите на неколку државни институции. Се кршеа локали чии сопственици се Македонци.