/ Прочитано:

3.760

Од утре поевтинуваат дел од услугите на Катастарот

Од утре се укинува плаќањето за повторно поднесување пријава во Агенцијата за катастар на недвижности, што значи дека граѓаните кои од страна на Катастарот се одбиени по кој било основ, при повторното поднесување на пријавата, нема да плаќаат надомест.

Директорот на Катастарот, Борис Тунџев, по минатонеделната средба со министерот за транспорт и врски изјави дека работат на адаптирање на електронскиот шалтер којшто треба да ја овозможи реализацијата на оваа мерка.

„Ова значи дека во случај кога од Агенцијата за катастар на недвижности е одбиен предметот по кој било основ, при повторното поднесување на истата таа пријава за тој предмет, граѓаните нема да плаќаат никаков надомест“, појасни Тунџев.

Од страна на Катастарот, најавено е и намалување во сегментот на користење на податоците од Агенцијата за катастар, како и на надоместокот кој граѓаните го плаќаат при запишување на одредени права.

М.В