/ Прочитано:

1.354

ОД ЖИВОТ НА ВИСОКА НОГА ДО ОБВИНИТЕЛНА КЛУПА: Доминик Штрос-Кан ја чека пресудата за својата трета добa

Некогашниот челник на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Доминик Штрос-Кан, важеше за влијателно име во глобалната економија. Приватните скандали што од ден на ден му се намножуваа и што ја поткопуваа неговата кариера го доведоа до обвинителна клупа: Кривичниот суд во францускиот град Лил го товари 65-годишниот економист за подведување жени на сексуални услуги и, заедно со уште тринаесетмина осомничени, за организирање синџир на проституција. При отворањето на судскиот претрес на почетокот на февруари, Штрос-Кан призна дека учествувал на интимни забави, но не знаел дека засегнатите жени биле проститутки. На Французинот му се заканува затворска казна од 10 години, како и парична глоба од 1,5 милиони евра. Обвинителството побара ослободителна пресуда, а судот конечно ќе се изјасни на 12 јуни.

Во 2011 година полицијата во Њујорк го апси Доминик Штрос-Кан во луксузниот хотел „Софител“: собарката Нафисату Диало го обвинува 65-годишниот Французин дека ја принудил на орален секс и дека се обидел да ја силува. Откако скандалот ја обиколува светската јавност, Штрос-Кан се повлекува од директорската функција во ММФ. Поради сомнежи за веродостојноста на сведокот, постапката против него е запрена, по што тој може да се врати во Франција. Додека тамошната Социјалистичка партија најавува негово можно кандидирање на претседателските избори во 2012 година, француските власти откриваат мрежа на организирани оргии со девојки на повик, во која Штрос-Кан, според наводите, играл важна улога. Поради недостиг од докази, во 2013 година обвинителството бара запирање на истрагата, но истражните судии носат одлука за поведување тужба против Штрос-Кан. Според француското законодавство, истражните судии имаат право да ги одбијат првичните препораки на Обвинителството да се отфрли случајот.

При отворањето на претресот во судницата на 2 февруари 2014 година, Штрос-Кан изјавува дека имал потреба од место, каде што ќе можел да се среќава со жени и со пријатели од политичката сцена – вака тој го оправдува најмувањето апартман во Париз на име на еден свој пријател – но изречно подвлече дека не знаел дека дел од девојките што доаѓале во станот биле проститутки. Во Франција свесното повикување проститутки на вакви средби е нелегално. Оттаму, Штрос-Кан и уште тринаесет други осомничени се товарат за подведување жени на сексуални услуги и за организирање синџир на проституција. На дневниот ред во судницата се најдоа повеќе СМС пораки што тој ги разменил со свои истомисленици; во нив жените се етикетирани како „материјал“ и како „подарок“. Штрос-Кан признава дека изборот на зборови бил неумесен, но отфрла директна поврзаност со организацијата на забавите.

Неколку поранешни проститутки, коишто дадоа исказ пред судот, потцртаа дека на средбите со Штрос-Кан никогаш не станало збор за пари; за забавите во Париз, во Брисел и во Вашингтон биле исплаќани големи суми од страна на повеќемина претприемачи. Тема на разговор не била ниту нивната професија како проститутки. Сепак, како што стои во обвинителниот акт, грубите сексуални практики на некогашниот директор на ММФ упатуваат на тоа дека тој бил добро запознаен со нивната работа. Според исказите на проститутките, Штрос-Кан би морал да биде наивен за да не забележи дека до него биле присутни девојки на повик. Обвинетиот ги оценува овие изјави како апсурдни и како нелогични и повторува дека никогаш немал добиено информација за какви било пари што претходно им биле исплатени на засегнатите девојки.

„Моите сексуални навики, без оглед дали ги цените или не, не треба да го засегаат овој Суд“, изјави Штрос-Кан пред Судот.

„Законот, законот! А што се однесува до моралот, секој според својот морал“

Со оглед на тоа што доказите прибавени во текот на истражната постапка не ја потврдуваат црно на бело улогата на Штрос-Кан како организатор на спорните дејствија, обвинителството побара ослободителна пресуда за познатиот економист. Како што изјави обвинителот во своите завршни зборови дадени на 17 февруари, Штрос-Кан ниту им плаќал на повиканите проститутки, ниту ги организирал интимните средби, а уште помалку имал некаква финансиска корист. Пет, од шест тужители, пак, ги отфрлија обвинувањата против него.

„Барам ослободителна пресуда. Да не правиме грешка: обвиненија за сексуално насилство не беа поднесени. Не смееме да дозволиме моралните елементи да надвладеат во оваа судска расправа“, рече застапникот на обвинението, јавниот обвинител Фредерик Февр.

Тројцата адвокати на Штрос-Кан во своите завршни зборови истакнаа дека нивниот клиент е невин, односно дека не сторил ништо незаконско.

„Се случи тоа што го очекуваме: случајот се урна“, му се обрати на Судот ветеранот во француската адвокатура, 84-годишниот Хенри Леклер.

Сето она што не е забрането според законот не може да се спречи, рече тој, цитирајќи го клучниот документ на Француската револуција, Декларацијата за правата на човекот и на граѓаните од 1789 година, за да го оттргне фокусот на Судот од моралот на Штрос-Кан.

„Законот, законот! А што се однесува до моралот, секој според својот морал. Доблеста треба да се практикува, а не да се коментира“, рече тој, додека Штрос-Кан будно го следеше од обвинителната клупа.

„Ги слушнавте аргументите, нема ништо друго во случајот што нè  чинеше богатство“, рече Леклер.

Обвинителниот акт што брои повеќе од сто страници го соочува Французинот со можна затворска казна од десет години и со парична глоба од еден и пол милиони евра. За другите обвинети претежно се бараат условни и парични казни. Кривичниот суд во Лил ќе ја донесе својата кончена одлука на 12 јуни.


Подготви: Далибор Стајиќ Објавено: 24.02.2015