/ Прочитано:

2.693

Одбележан Денот на адвокатите на Битола

По повод 16 декември – Денот на адвокатите на Битола, традиционално Адвокатската заедница Битола одржа свечен собир и организираше свечена вечера. Овој ден е посветен како сеќавање на 16 декември 1976 година кога адвокатите од Битола за првпат формално и правно одлучија да регистрираат Општинска адвокатска организација (ОАО), која имаше за цел да ги штити и да ги застапува интересите на адвокатурата.

На овогодишната свеченост беа поздравени и адвокатите кои годинава одбележуваат јубилеи во вршењето на адвокатската работа, и тоа:

Петнаесет години континуирана работа (од 2002 година) – адвокат Ирина Ѓоргоновска-Бошевска и две децении во адвокатурата  (од 1997 година) – адвокат Миле Крстевски и адвокат Антонијо Димитровски.

Оваа година во Битола адвокатурата како професија ја одбраа и повеќе колеги кои во сесиите на Адвокатската комора на РМ се запишаа во именикот на адвокати со седиште на канцеларијата во Битола. Посебно беа поздравени и: адвокат Анастасија Илиевска, адвокат Полина Ѓорѓиева, адвокат Борислав Главинче, адвокат Владимир Нечаковски, адвокат Горан Дамевски, адвокат Томе Делов, адвокат Никола Илијовски, адвокат Мирче Трајчевски, адвокат Кристијан Матовски, адвокат Иво Илиевски и адвокат Христијан Дојчиновски.

На свечениот состанок, пред околу стотина присутни, од името на збратимената Адвокатска комора Крагуевац, Р Србија, се обрати претседателот адвокат Звонко Марковиќ, кој по тој повод на колегите од Битола им подари и уметничка слика. Овогодишната делегација на адвокати ја сочинуваат и адвокат Борис Рибаровски, заменик-претседател на АК Крагуевац, Живорад Лекиќ, член на УО на АК Крагуевац и адвокат Александар Стефановиќ.

Потоа, се обрати и претседателот на Адвокатската заедница Битола Никола Главинче, кој нагласи дека Адвокатската заедница Битола самостојно во својата средина, а на национално ниво преку АКРМ оствари повеќе цели кои беа во рамките на програмата за работа. Адвокатурата во Република Македонија  се јавува како еден од клучните фактори кои влијаат врз изградбата на правосудниот систем.

За потсетување, адвокатите беа тие кои поднесоа бројни иницијативи до Уставниот суд кои се покажаа како оправдани, а кои се однесуваат на противуставни одредби на Законот за извршување, на Законот за одредување на видот и висината на санкциите, но и за афирмација на решенијата на Законот за нотаријат.

Се упати повик до адвокатите во следниот период да покажат и дополнителна активност на општествен план, афирмирајќи ја својата професија со цел да се зачуваат придобивките на последните измени на законите кои овозможија адвокатурата да го добие своето природно место во правосудниот систем. Тој дополни и дека следува период на зголемена активност на локално и на национално ниво, што ќе значи полесно остварување на правото и правдата на граѓаните.

Беше најавено дека Адвокатската заедница Битола во следниот период ќе потпише и меморандум за соработка со Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, во согласност со кој адвокати од Битола редовно ќе бидат присутни на практичните вежби и активности за студентите.

На адвокатот Антонијо Димитровски, по повод пензионирањето, му беше подарена стилизирана монета со знакот на правдата. Тој во своето обраќање им се заблагодари на присутните и на сите адвокати за пријатното изненадување што му го приредија колегите. По свечениот состанок следуваше и традиционалната адвокатска забава во Градската кафеана во хотелот „Епинал“.

М.В