ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА БИТОЛСКАТА АДВОКАТУРА: Нека живее адвокатурата, барем толку долго колку што ќе живее и човештвото!
На 16 декември оваа година Адвокатската заедница Битола со пригодна свеченост го одбележа Денот на битолската адвокатура. Ние ја вршиме најубавата професија на светот и делуваме како заштитници на граѓаните, порачаа битолските адвокати.
На овој свечен собир како гости присуствуваа и судијата Дејан Крстанов, Претседател на Основен суд Битола како и делагација од збратимената Адвокатска комора Крагуевац од Србија, во состав Борис Рибаровски, адвокат од Парачин, заменик-претседател на АКК, Милован Стојановиќ, адвокат од Јагодина, член на УО на АКК и Милија Симиќ, адвокат од Чуприја, член на УО на АКК.
Инаку, 16 декември од страна на АЗ Битола е определен како ден на Битолската адвокатура, бидејќи на овој ден во далечната 1976 год, Општинската адвокатска организација од Битола, добила правен легитимитет, односно било најрано формално – правно организирање на адвокатите од Битола.
„Уште тогаш основоположниците на Општинската адвокатска организација 18 на број, беа едногласни дека целта на основањето е зачувување и промоција на угледот и достоинството на адвокатската професија во нашиот град, организирано делување на адвокатите и поголема интеграција во јавниот живот, да се грижи за стручно усовршување и издигнување на адвокатите и адвокатските приправници, да развива адвокатска етика и солидарност, да се грижи за материјалните и останатите интереси на адвокатите, да развива другарство и колегијалност, стимулирање на младите правници да се вклучат во адвокатската професија, формирање на солидарен фонд за непогоди, доделување на признанија по повод јубилеи и пензионирање. Скоро четири децении подоцна АЗ Битола прави обиди да ги надогради и зачува наведените вредности“, истакнуваат од Адвокатската заедница Битола.
Претседателот на адвокатската заедница Битола, адвокатот Никола Главинче, во својот говор истакна дека неговиот говор го создал со големи емоции бидејќи, како што нагласи, меѓу присутните распознава пријатели и колеги се обединуваат и со своето присуство даваат придонес во афирмација на адвокатската професија и правото воопшто.
„Ние ја вршиме најубавата професија на светот и делуваме како заштитници на граѓаните, тогаш кога било кој фактор ќе им ги загрози или повреди загаринтираните права. Делуваме на простор со длабоки адвокатски традиции и истите ги прифаќаме како голема предност во однос на останатите. Традицијата е да го продолжиш огнот, место да се поклонуваш на пепелта. Можеби тоа е и една од причините што нашата заедница ревносно и темпераментно во континуитет спроведува активности на локално ниво, а помага и во остварувањето на целите усвоени од адвокатската комора на Република Македонија на национално ниво…“
„…Ни претстои период кога треба да бидеме единствени во исполнувањето на трите кумулативни функции на адвокатурата. Прво, пружење на совесна, чесна и професионална правна помош кога граѓаните ќе се обратат до нас. Второ, активно учество во утврдувањето на начинот на функционирање на правосудниот систем и трето, реакција во случај кога преку донесувањето на законските одредби постои опасност да бидат повредени човековите права и слободи…“
„…Само со чесна, совесна и стручна работа можеме да се приближиме до легендите на адвокатурата, а такви имало, има и ќе има во Битола. Посебно ги поздравувам претставниците на AKРМ, претседателот на Основен суд Битола и другите официјални гости), адвокатите од братската комора во Крагуевац, како и адвокатите кои заминуваат во пензија, а кои со својата работа оставија траги кои останатите адвокати, како и новозапишаните ќе ги чуваме и нема да ги избришиме. На крајот, сакам да се заблагодарам за колегијалниот и фер однос на сите кои во изминатиот период со своите можности учествувале во активностите на нашиот еснаф. Апелирам да ги повториме минатогодишните активности со нови побројни и поорганизирани, и да го чуваме угледот и достоинството на адвокатурата, бидејќи таа е интелектуална уметност чија инспирација е слободата…“
„…Посакувам пријатни моменти по повод оваа свеченост и до скоро видување! Нека живее адвокатурата, барем толку долго колку што ќе живее и човештвото!“, пишува во својот поздравен говор, адвокатот Никола Главинче, претседател на АЗ Битола.
Понатаму, на овој собир посебно беа поздравени адвокатите кои оваа година прославуваат 15 и 20 годишен јубилеј во вршење на адвокатската професија како и ново запишаните адвокати со седиште на адвокатската канцеларија во Битола.
15 години – Владо Докулевски, Петар Георгиев – Калица, Елизабета Милованова, Ацо Михајлов, и Пандо Ристовски.
20 години – Љупчо Илиевски, Љупчо Кожовски, Вукица Наумовска, Снежана Трајковска, Елвира и Хаџи Антоновска.
Новозапишани адвокати: Маријан Петровски, Марија Томевска, Мери Чукалеска, Александар Илиевски, Александар Стојковски, Иво Илиевски, Зоран Ристевски, Александар Ѓорѓиев Калица, Нада Томевска и Пеце Христов.
Од АЗ Битола нагласуваат дека посебно значајно е што на овој собир на адвокатите м-р Јосиф Иваноски, Никола Темелкоски и Ѓорѓи Журовски по повод нивното пензионирање им се врачени пригоден подарок во знак на почит од нивните колеги за успешното извршување на адвокатската професија. На собирот свое обраќање имаа и гостите од Крагуевац кои на АЗ Битола им подарија уметничка слика. Со оваа свеченост, велат од АЗ Битола, помагаме и во остварувањето на целите усвоени од УО на АКРМ за афирмација на адвокатската професија.
М.В / veljanoskim@akademik.mk