/ Прочитано:

1.021

Одбележан јубилејот 30 години Синдикат на УПОЗ

Денес во Скопје се одбележаа 30 години од формирањето на Синдикатот на УПОЗ, кој е доброволна, самостојна, демократска, независна и непартиска организација на вработените во државната управа, локалната самоуправа, правосудните органи, здруженијата на граѓани, други служби и правни лица во државната и јавната управа, како и сите правни лица основани од Владата на РМ.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р Македонија (УПОЗ) е формиран во 1991 година и е правен следбеник на Републичкиот одбор на управата, правосудството и финансиските организации. Денес, во Синдикатот на УПОЗ членуваат повеќе од 110 синдикални организации, и од основањето до денес Синдикатот на УПОЗ е предводник во синдикалното движење низ годините наназад.

На настанот присуствуваа претставници на синдикалните организации од Синдикатот на УПОЗ, министерот за правда, Бојан Маричиќ, и министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, како и претставници од братските синдикати од регионот.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски, истакна дека новите времиња носат нови предизвици за Синдикатот на УПОЗ. Овие предизвици потврдуваат дека синдикалната борба е вековна и не застанува во остварување и унапредување на работничките права и интереси, затоа Синдикатот мора постојано да се модернизира и да се реформира за да биде уште поцврст, помобилизиран и поединствен.

Претседателот на Владата на Р Северна Македонија, Зоран Заев, по повод 30 години од формирањето на Синдикатот испрати телеграма во која вели: „Дијалогот со Синдикатот на УПОЗ ќе продолжи. Владата и лично јас како премиер ќе се заложам да изнаоѓаме заеднички решенија од интерес на работниците и убеден сум дека во тоа ќе бидеме успешни.”

На денешното обраќање на настанот по повод јубилејот – 30 години Синдикат на УПОЗ, министерот за правда, Бојан Маричиќ, ја потврди силната заложба на Владата и на Министерството за правда да бидат стабилен партнер во социјалниот дијалог со Синдикатот на УПОЗ со цел подобрување на животниот стандард на работниците.

„Низ годините постоеле ситуации кога Владата и Синдикатот се нашле на различни страни, но стремежот наш отсекогаш бил и ќе биде да има партнерски однос со синдикатите. Дури и кога не се согласуваме за одредени работи, успеваме низ конструктивен и искрен дијалог да дојдеме до заедничко решение и да постигнуваме договори бидејќи интересите на работниците треба да се на прво место“, кажа Маричиќ во своето обраќање.

На присутните со видеопорака им се обрати и генералниот секретар на ЕПСУ, во која наведе дека ЕПСУ секогаш ќе биде на страна на Синдикатот на УПОЗ во борбата за подобрување на правата на вработените.

На прославата беше презентирана и монографијата „Синдикат на УПОЗ од формирањето до денес“. Монографијата го изразува развојниот пат на Синдикатот на УПОЗ низ годините до денес.

Целта на монографијата е да даде еден заокружен приказ за заложбите на Синдикатот на УПОЗ во остварувањето, заштитата и унапредување на правата и интересите на своето членство и подобрување на нивниот животен стандард до она што сме денес – современа, демократска, работничка организација.

По повод 30-годишнината на Синдикатот на УПОЗ им беа доделени благодарници на истакнати членови на Синдикатот на УПОЗ, кои во последните 15 години биле активни и дале соодветен придонес за развојот и афирмацијата на Синдикатот.

Благодарници добија: Марија Ивановска (референт за општи работи, вработена во Синдикатот на УПОЗ), Рифат Деде (од Државниот пазарен инспекторат), Илија Ивановски (од Фондот на ПИОМ), Биљана Стаматова (од Министерството за финансии), Веселин Стојчевски (од Фондот за здравствено осигурување), Илија Смилев (претседател на Комисијата за солидарен фонд), Зоран Јосифовски (од Основниот суд Кавадарци) и Горанчо Чолаков (од Основниот суд Велес).

Исто така, благодарници им беа доделени и на проф. д-р Борче Давитковски и проф. д-р Лазар Јовевски за придонесот во работата на Синдикатот на УПОЗ како едукатори на членовите на Синдикатот, потоа на братските синдикати со кои Синдикатот на УПОЗ остварува соработка на меѓународен план, на граѓански организации со кои соработува Синдикатот, но и на досегашните тројца претседатели на Синдикатот на УПОЗ, Пантелеј Кочовски, Ванчо Муратовски и Пецо Грујовски.

M.В