/ Прочитано:

1.628

Одбележан Светскиот ден на книгата и авторските права – во фокусот правата на хендикепираните лица

„Денешниот ден е повод да се истакне големата моќ на книгите кои ја пренесуваат нашата визија за општество засновано врз инклузивно знаење, плурализам, праведно и отворено учество на сите граѓани. Се вели дека хуманоста на едно општество се мери според степенот на грижа за најранливите категории. Ако тоа се однесува за достапноста на книгите за лицата со оштетен вид, на оние со тешкотии во учењето или пак на оние со физички пречки, од различни причини, ќе се соочиме со фактот што слободно може да се нарече ‘глад за книгите’“, истакнува генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, во својата порака по повод Светскиот ден на книгата и авторските права.

Светскиот ден на книгата и авторското право, 23 април, денеска беше одбележан во Националната  и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а главната порака од генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, се однесува на проблемите со хендикепираните лица и нивната инклузија во општеството.

„Денешниот ден е повод да се истакне големата моќ на книгите кои ја пренесуваат нашата визија за општество засновано врз инклузивно знаење, плурализам, праведно и отворено учество на сите граѓани. Се вели дека хуманоста на едно општество се мери според степенот на грижа за најранливите категории. Ако тоа се однесува за достапноста на книгите за лицата со оштетен вид, на оние со тешкотии во учењето или пак на оние со физички пречки, од различни причини, ќе се соочиме со фактот што слободно може да се нарече ‘глад за книгите’“, нагласува Бокова во својата порака.

Според Светската асоцијација на слепите, 39 милиони лица се целосно слепи, а уште 246 милиони луѓе се со оштетен вид. Оваа популација има достапност до само 10 отсто од севкупниот печатен материјал и од сите книжевни дела што другите луѓе може да ги читаат.

„Лошо дизајнираните книги или недостапните, исто така, им ги ограничуваат читањето и разбирањето на оние што имаат пречки во учењето. Според Меѓународното здружение за дислексија, од 3 до 5 отсто од учениците имаат потреба од згрижување и посебна нега. Конвенцијата на Обединетите нации за правата на хендикепираните лица и целите за одржлив развој бележат промени на парадигмата во признавањето на правото на хендикепираните лица за достап до книгите, до знаењето и до културниот живот, со ист третман каков што го имаат и другите луѓе. Во рамки на Конвенцијата, УНЕСКО се залага за промовирање на подобро разбирање на проблемите поврзани со хендикепот, за признавање на достоинството, на правата и на добродетелството на хендикепираните лица, како и за придобивките од нивното интегрирање во општеството“, потенцира Бокова. 

Лидија Топузовска, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, во своето обраќање истакна дека нашиот однос кон книгата во голема мера го одредува нашиот однос кон културата. Таа рече дека книгата има универзално и непроценливо значење за човештвото, дека е средство што ја изразува и во исто време ја зачувува културната разноликост на народите.

„Оваа година УНЕСКО овој ден го посвети на најранливите категории, со што се вклопува во хуманите принципи и иницијативи на Организацијата на Обединетите нации. Во таа насока, ќе се обратам до сите надлежни институции и до поединци да им помогнат на младите и на ранливите категории граѓани да добијат квалитетно образование достапно до сите подеднакво, за да им овозможат еднакви можности за усовршување и понатаму за вработување“, рече Топузовска, нагласувајќи притоа дел од пораката на Бокова дека хуманоста на едно општество се мери според степенот на грижа за најранливите категории. 

Авторските права, пак, во нашава земја се регулирани со Законот за авторското право и сродните права. Со овој закон се уредуваат правата на авторите над нивните авторски дела, правата на уметниците-изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над нивните предмети на сродни права.

А. Б.