/ Прочитано:

1.520

Одбележана 16-годишнината од Охридскиот рамковен договор

„Охридскиот рамковен договор и неговите принципи го претставуваат единствениот начин со кој во нашата држава ќе се развие и ќе се унапреди демократијата, ќе се почитува мултиетничкиот карактер и сите наши граѓани еднакво ќе ги уживаат сите права. За да биде ова реалност, потребни се политичари визионери, со голема одговорност и цврста политичка волја. Политичари кои ги сплотуваат, а не кои ги разединуваат своите сограѓани. Тешко е, но наша задача е да работиме и да ја заслужиме довербата која ни ја дадоа граѓаните. И верувам дека вреди. Вреди за денешните генерации, вреди за идните генерации и за оние после нив“, нагласи претседателот на Собранието, Талат Џафери, во обраќањето по повод годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Под покровителство на вицепремиерот за спроведување на Охридскиот рамковен  договор и политички систем, Хазби Лика, и претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, во Скопје беше одбележана 16-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Џафери, во своето обраќање истакна дека со потпишувањето на овој документ се стави крај на  внатрешниот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот. Документoт на мирот и на помирувањето меѓу граѓаните, како што потенцираше Џафери, се изготви и беше потпишан со политичка волја и со олеснување од страна на меѓународната заедница.

„Овој значаен документ на мирот во нашата држава и на помирувањето меѓу нашите граѓани се изготви и се потпиша со политичка волја и со олеснување од нашите меѓународни пријатели. Цел на овој документ на мирот беше и сè уште е промовирање на мирно и хармоничното општество, како и развој на граѓанското општество, каде што почитувањето на етничкиот идентитет и заштита на интересите на сите граѓани ќе бидат примарни. Овој документ, како што и е насловен, беше само една основа, рамка над која се извршија уставните измени и законските реформи, кои нивното спроведување го наоѓаа во областа на децентрализацијата, на праведното и соодветното застапување, на посебните парламентарни гласачки постапки со кои се штитат заедниците кои не се мнозинство од надгласување, во областа на образованието, употребата на јазикот, симболите, изразувањето на културниот и етничкиот идентитет, како и мерките за спроведување на тие измени“, рече претседателот на Собранието на Македонија во своето обраќање.

Во својот говор тој меѓу другото нагласи и дека спроведувањето на Охридскиот рамковен договор е единствениот начин со кој во Македонија ќе се развие и ќе се унапреди демократијата, ќе се почитува мултиетничкиот карактер и сите граѓани еднакво ќе ги уживаат сите права.

„Во изминатите години, со поддршка на Владата, на Собранието, извршени се низа измени во оваа насока. Во текот на овој период, не секогаш сè се одвивало лесно и без препреки. Не секогаш сме наидувале на разбирање, било од едната, било од другата страна, но сме продолжиле и ќе продолжиме бидејќи Македонија друга алтернатива нема. Охридскиот рамковен договор и неговите принципи го претставуваат единствениот начин со кој во нашата држава ќе се развие и ќе се унапреди демократијата, ќе се почитува мултиетничкиот карактер и сите наши граѓани еднакво ќе ги уживаат сите права. За да биде ова реалност, потребни се политичари визионери, со голема одговорност и цврста политичка волја. Политичари кои ги сплотуваат, а не кои ги разединуваат своите сограѓани. Тешко е, но наша задача е да работиме и да ја заслужиме довербата која ни ја дадоа граѓаните. И верувам дека вреди. Вреди за денешните генерации, вреди за идните генерации и за оние после нив“, нагласи Џафери во обраќањето по повод годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

А. Б.