Одбележани 15 години од основањето на Нотаријатот во Македонија
Петок, 14 јуни 2013 – Македонскиот Нотаријат денеска го прослави својот 15-ти роденден. На свеченото одбележување, свое обраќање имаа претседателката на Нотарската комора Зорица Пулејкова, министерот за правда Блерим Беџети и почесниот претседател на Меѓународната унија на латинскиот нотаријат, Хелмут Феслер. Воведувањето на Нотаријатот придонесе за растоварување на судовите и управните органи, а граѓаните побрзо поедноставно и поквалитетно ги остваруваат своите права, ги истакнаа придобивките тие.
Според Пулејкова, со пренесувањето на неспорните судски предмети во надлежност на нотарите се овoзможи не само растоварување на судовите, туку и поголема ефикасност и функционалност во решавањето на оставинските предмети и во донесувањето решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа.
„Сето ова укажува дека денешната работа на нотарите позитивно се одрази врз целокупното функционирање на правниот систем на државата“, рече таа.
Министерот Беџети посочи дека позитивните резултати од воведувањето на Нотаријатот во правниот живот ја зголемиле довербата и придонеле за за продлабочување на реформскиот процес во правосудниот систем преку зголемување на надлежноста на нотарите.
„Донесувањето на Законот за вонпарнична постапка им овозможи на нотарите да постапуваат како повереници на судот во однос на оставинските предмети кои не се спорни, со што нотарите покажаа голема успешност во решените оставински предмети. Согласно Законот за извршување, платните налози, односно донесувањето на решенијата со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојни исправи, исто така е во нивна надлежност“, рече тој во своето обраќање на свеченоста.
Беџети, меѓудругото потенцираше дека значаен е проектот за електронско поврзување на нотарите со е-шалтерот на Агенцијата за катастар на недвижности преку кој е овозможен пристап по електронски пат на нотарите за достави на пријави за промена на геодетско-катастарскиот информативен систем, како и можноста да се издаваат имотни листови.
Вети дека и во иднина Министерството за правда ќе ја продолжи, како што рече, одличната соработка со Нотарската комора во насока на јакнење на стручниот, моралниот и професионалниот однос на нотарите и обезбедување квалитетна и ефикасна нотарска служба.
Почесниот претседател на Меѓународната унија на латинскиот нотаријат, Хелмут Феслер порача дека на Македонија не и било лесно да го воведе латинскиот нотаријат бидејќи произлегла од држава во која тој истиот не функционирал.
„Секогаш и секаде ќе има спротивставување на нашата професија и тоа многу често од редовите на правната професија, но и од политиката и меѓународните институции. Тоа е така заради слободата што ја нудиме“, рече Феслер.
Нотаријатот е воведен со Законот за вршење на нотарски работи од 1996 година, кој отпочна да се применува од 1997 година. Во 1998 година беше формирана Нотарската комора на Република Македонија, а во 2001 стана членка на Меѓународната унија на латинскиот нотаријат. Во Македонија денеска има 176 нотари организирани во Нотарска комора.