/ Прочитано:

1.477

Одбележување на 60-годишнината од потпишувањето на Римските договори

Шестдеценискиот јубилеј од потпишување на Римскиот договор е повод отворено да се проговори за иднината на Европската Унија, која по повеќе од половина век прв пат сериозно се соочува со низа предизвици. Таа е исправена пред значајни стратешки исчекори. Соочена со финансиската криза, миграциските процеси и за прв пат излегување од ЕУ од страна на една земја членка, односно Велика Британија, се наметнува потребата од уште позацврстени цели, а тоа се: заштитена и сигурна Европа, просперитетна, социјална и силна Европа на глобалната сцена.

Шестдеценискиот јубилеј од потпишување на Римскиот договор денеска беше одбележан на Филозофскиот факултет во Скопје, во организација на Европското движење на Република Македонија.

Професор Милева Ѓуровска, претседателка на ЕДРМ, истакна дека овој јубилеј е само повод отворено да се разговара за иднината на Европската Унија, а сè со цел проектот за Европа да се развие уште повеќе.

„Европската Унија е повеќедецениски процес кој постојано се гради и во светот нема ниту еден регион каде што развојните разлики се толку мали меѓу земјите членки, како што е тоа во рамките на Европската Унија. Да се биде дел од ЕУ е голема придобивка и тоа дава огромни предности за целокупното општество на една земја“, истакна професор Ѓуровска.

Деканот на Филозофскиот факултет, професор Горан Ајдински, рече дека на денешната дебата што ја организира Европското движење на Република Македонија, е дадена можност да се споделат размисли и искуства во однос на актуелниот контекст на Европската Унија.

„ЕУ по повеќе од половина век прв пат сериозно се соочува со низа предизвици. Таа е исправена пред значајни стратешки исчекори. Соочена со финансиската криза, миграциските процеси и за прв пат излегување од ЕУ од страна на една земја членка, односно Велика Британија, се наметнува потребата од уште позацврстени цели, а тоа се: заштитена и сигурна Европа, просперитетна, социјална и силна Европа на глобалната сцена. Присутноста на евроскептицизмот, поддржан од популистите и автократите, е само поттик за понатамошна кохезија и заедничко дејствување во одбрана на европските вредности, владеењето на правото,  демократијата и солидарноста“, нагласи деканот Ајдински.

Евроамбасадорот во Република Македонија, Самуел Жбогар, рече дека од Брегзитот, за кој искрено жалат и европските лидери и европските граѓани, произлезе и нешто добро, а тоа е поголема решителност и обединување на преостанатите 27 земји членки.

„Земјите од Западен Балкан треба да направат рефлексии за својот развој, имајќи јасна перспектива за членството во ЕУ кое носи придобивки, но и одговорност“, порача евроамбасадорот Жбогар. Европската Унија е заедница на вредности и принципи како што се демократијата, владеењето на правото, човековите права, солидарноста. Визијата за Европа на основачите на Унијата, како уникатен проект, се однесува подеднакво како на земјите членки така и за идните членови на ова семејство. Во Македонија, Европската Унија е присутна уште од 1991 година и има вложено милиони евра со кои ја помага подготовката на земјата за членство во Унијата. Мнозинството од луѓето го препознаваат тоа и затоа гледаме дека има многу голема поддршка за членството на земјата во ЕУ. Колку што поскоро тоа ќе се случи, толку подобро. Клучот за нашата иднина е обединета и суверена Европа“, нагласи денеска евроамбасадорот Жбогар.

Инаку Римскиот договор се смета за зачетник на Европската унија. Станува збор за два договора кои биле потпишани на 25 март 1957 година во Рим. Потписници на оваа историска спогодба биле: Кристијан Пино од Франција, Јозеф Лунс од Холандија, Пол Хенри Спарк од Белгија, Јозеф Бек од Луксембург, Антонио Сењи од Италија и Конрад Аденауер од Западна Германија.

Од првиот договор била создадена Европска економска заедница, а од вториот Европска заедница за атомска енергија.

Договорот бил ратификуван од националните парламенти во текот на наредните неколку месеци, а стапил во сила на 1 јануари 1958 година. Договорот со кој се оформила ЕЕЗ, во својата преамбула, потврдил дека земјите потписнички се решени да ги постават основите на уште позближена унија меѓу народите на Европа. На овој начин, земјите членки јасно ја потврдиле политичката цел за прогресивна политичка интеграција. Всушност, со овој договор била создадена царинска унија, па затоа ЕЕЗ била замислена како заеднички пазар. Притоа бил договорен дванаесетгодишен транзициски период за целосно царинско разграничување меѓу земјите членки. Во поглед на економскиот успех, со воведувањето на слободната трговска размена, транзицискиот период бил скратен и во јули 1968 година, сите царини меѓу земјите на ЕЕЗ биле суспендирани. Истовремено, заеднички царини биле воведени за сите продукти што доаѓале од трети земји.

Заедничкиот пазар означувал исклучиво слободна циркулација на добра. Слободното движење на лица, капитал и услуги и натаму се соочувало со важни ограничувања. Било потребно да се почека до донесувањето на Единствениот европски акт во 1987 година, па да се даде дефинитивен импулс за воведување на вистински обединет пазар.

А. Б.