/ Прочитано:

4.249

Одбележување на Денот на АРМ

По повод Денот на АРМ, претседателот на РМ и врховен командант на АРМ, Ѓорѓе Иванов, денеска истакна дека АРМ во изминативе години исполнувала големи задачи и во услови кои од година во година станувале сè посложени и поризични.

„Армијата е неутрален чувар на територијалниот интегритет и на независноста на земјата. Таа ги штити границата, сувереноста, безбедноста и унитарноста на Република Македонија.  Армијата им помагаше на своите граѓани во справување со природните непогоди, а учествува и континуирано во мировните мисии ширум светот“, рече Иванов на денешното одбележување на Денот на АРМ.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека Република Македонија од денес е партнер од доверба на НАТО, партнер од доверба на нашите соседи и партнер од доверба на сојузниците.

„Го вративме фокусот на клучните реформи во одбраната и на членството во НАТО со исполнување на Стратешкиот одбранбен преглед и Стратегијата за одбрана. Со ова покажавме дека Република Македонија знае што сака и каде сака да оди, со што постигнавме една од стратешките цели, а тоа е покана за членство во НАТО и почеток на процесот за пристапување во ЕУ“, рече Шекеринска.

Со Указ на претседателот Ѓорѓе Иванов, генерал мајор Васко Ѓурчиновски денеска е назначен за нов началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

Процесот на создавање на македонската армија, како што нагласуваат воените историчари, е во согласност со традициите на Разловечкото, Македонското (Кресненско) и Илинденското востание, започнат со формирање на Првиот баталјон „Мирче Ацев″, првата регуларна воена единица на македонскиот народ.

Баталјонот „Мирче Ацев“ се формира со наредба на Штабот на II оперативна зона на 18 август 1943, на Славеј Планина, а го сочинувале борци од одредите „Даме Груев″, „Димитар Влахов″ и други од подрачјето на Западна Македонија.

Штабот на баталјонот бил составен од следните органи: командант; политички комесар; заменик-командант; заменик на политичкиот комесар; аѓутант. Баталјонот бил составен од две до три пешадиски чети; едно бомбашко одделение; митралеска чета, вод за врски, пионерски вод и санитетска чета.

Во подготовките на баталјонот видно учество зел адвокатот Петре Пирузе Мајски,  прв пoвeрeник зa прaвoсудствo нa Макeдoниja. Под раководството на Мајски се регрутираат борци и се формираат партизански одреди и баталјони.

Денес одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.

Во членот 122 од Уставот на Република Македонија се вели дека вооружените сили на Република Македонија ги штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката и дека одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

„Армијата е вооружена сила на сите граѓани на Републиката. Армијата има постојан и резервен состав. Армијата се организира, подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката“, е утврдено во Законот за одбраната.

М.В