/ Прочитано:

2.215

Одбележување на Денот на македонската полиција

Вторник, 7 мај 2013 – Со низа активности денеска ќе биде одбележан 7 Мај – Денот на македонската полицијата и безбедноста и Денот на баталјонот на воената  полиција.

На свеченоста што ќе се одржи во МВР, делегација предводена од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на полицијата. Таму ќе биде построен почесниот вод на македонската полиција.

Делегација од Централните полициски служби, Секторот за гранични работи, Секторот за полиција и гранични работи, како и претставници на Македонскиот полициски синдикат ќе положат цвеќе и на споменикот пред зградата на Граничната полиција во МВР. Делегација од МВР, како и претставници на семејствата на загинатите бранители од МВР ќе положат цвеќе пред споменикот на паднатите бранители во паркот Жена-борец.

Во рамки на свеченоста на 32 загинати полициски припадници постхумно ќе им биде доделен Медал за храброст. Медалите се очекува да ги додели претседателот Ѓорге Иванов во својата резиденција.

Во рамки на одбележувањето на 7 Мај, делегации на МВР традиционално ќе ги посетат Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври“ во Скопје и Домот за доенчиња и мали деца во Битола и ќе им донираат подароци. Во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје во 11 часот ќе биде организирана хуманитарна акција на доброволно дарување на крв од страна на припадници на македонската полиција.

На свеченоста што ќе се одржи во скопската касарна „Илинден“ ќе присуствуваат началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, Командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Методија Величковски и други гости од МО и ГШ на АРМ.

Баталјонот на воената полиција е формиран со Указ на претседателот на Република Македонија на 15 април 1992 година и поголемиот период функционираше како самостојна единица на ГШ на АРМ. Денес баталјонот се наоѓа во формацискиот состав на Здружената оперативна команда (ЗОК), со целосно трансформирана структура и висок степен на компатибилност со вакви единици во армиите на земјите членки на НАТО, заради што за припадниците на баталјонот важат посебни критериуми за селекција.