Наспроти медиумскиот притисок, одбраната на Санадер сѐ уште гледа со оптимизам кон правните можности
Понеделник, 15 април 2013 – Според адвокатката на поранешниот премиер на Хрватска Иво Санадер, медиумскиот притисок кој се направи околу судските процеси што се водат против него, допринел за неговиот лош имиџ во јавноста. Јадранка Слоковиќ, која е дел од адвокатскиот тим на Санадер сепак смета дека нивните средства за правната битка се уште не се исцрпени. За Хашкиот трибунал вели дека судот почнал да греши со доаѓањето Карла Дел Понте.
Во своето гостување во емисијата „Недела во 2“ што се емитува на Хрватската телевизија, познатата адвокатка која е вклучена во сите предмети што се водат против екс-премиерот Санадер, вели дека систематски се уништува сè што на било кој начин може да се користи во текот на процесот, а не се почитуваат ниту одредбите за доверливост на кривичната постапка.
„Сите документи уште од истрага протекуваа, а медиумите ги добиваа пред адвокатите, неспорно е дека на тој начин се загрозуваат сведоците, а и се создава впечаток во јавноста дека работата е завршена“, укажува Слоковиќ.
Таа додава дека се свесни дека ја бранат една од најомразените личност во Хрватска според медиумите, но и дека се кршат елементарните права на Санадер.
Осврнувајќи се на хашките предмети, каде и таа беше вклучена како бранител на генералот Иван Чермак, Слоковиќ смета дека тие се индиректна последица на тоа што Хрватска, но и останатите земји од поранешна Југославија, односно нивните домашни правосудни системи не ги процесуирале воените злосторства.
Слоковиќ оценува дека Хашкиот трибунал најмногу се исполитизирал со доаѓањето на поранешната главна обвинителка на овој суд, Карла Дел Понте.