/ Прочитано:

1.449

ОДБРАНАТА ТВРДИ: СЈО било должно да ги запре постапките, адвокатите не барале запирање на истрагите

„Според Законот за кривична постапка одбраната нема обврска ниту потреба да поднесува барање за запирање на постапката во случаи на помилување, туку СЈО морало да донесе наредба за запирање на истрагите по службена должност и тоа е негова задолжителна законска обврска која настанала на 12 април 2016 година“ се наведува во реакцијата.

Специјално јавно обвинителство прес за „Титаник“

Адвокатите Никола Додевски, Боро Тасевски, Петар Василев и Сања Алексиќ кои ги застапуваат дел од осомничените во предметите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство, преку соопштение реагираат на изјавата на СЈО дека одбраната барала од Обвинителството запирање на постапките по помилувањето од страна на Претседателот на РМ.

„Според Законот за кривична постапка одбраната нема обврска ниту потреба да поднесува барање за запирање на постапката во случаи на помилување, туку СЈО морало да донесе наредба за запирање на истрагите по службена должност и тоа е негова задолжителна законска обврска која настанала на 12 април 2016 година“ се наведува во реакцијата.

Во неа се додава дека, тврдењето дека во ЗКП нема рок е обид за оправдување на незаконското постапување. Членот 304 од ЗКП ја употребува задолжителната форма „ќе ја запре“, што го направил и Судот за постапките кои се воделе пред него, стои во реакцијата.

„Одбраната верувајќи дека СЈО постапува според законот и ги запрело истрагите според својата законска обврска, побарало примерок од таа наредба, но до ден денешен не добила никаков одговор, за да на денешната прес-конференција со невистинито повикување на содржина на наше барање јавноста биде известена дека СЈО не постапило според законот“, стои во реакцијата.

Одбраната побарала од Советот на Јавни обвинители да го испита незаконското постапување на Специјалното јавно обвинителство поради недоставувањето на наредбите, а од СЈО бара да бидат повлечени невистинитите наводи веднаш, стои во реакцијата потпишана од  Додевски, Тасевски, Василев и Алексиќ.

Обвинителката Ленче Ристоска денеска информираше дека одбраната во одредени предмети, во кои осомничените лица биле аболирани, побарала прекин на истражните постапки, но според неа не постојат законски можности за прекин на постапките, а особено што рокот за повлекување на аболициите сè уште тече. За целосно запирање на постапките ќе почекаат да истече овој рок.

Сепак, Ристоска откри дека е побарано запирање на истражните постапки за предметите, односно дека дел од лицата осомничени во предметите „Титаник“, „Тврдина“, „Транспортер“, „ТНТ“ и „Тортура“ преку своите бранители побарале запирање на постапките. Запирање на постапката било побарано и за една предистрага поврзана со прислушувањето.