/Прочитано:

2.199

ОДЛИВ НА МОЗОЦИ И ВО ОПШТЕСТВЕНИТЕ НАУКИ: Некомпетентни луѓе се вработуваат, талентираните истражувачи си заминуваат

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се одржа тркалезна маса на тема „Квалитет во истражувањата во општествените науки и спречувањето на одливот на мозоци од Република Македонија: научени лекции и идни предизвици“. Денешниот настан, поддржан од програмата „Цивика мобилитас“,беше организиран од Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ, во партнерство со Швајцарскиот центар за експертиза во општествените науки од Лозана и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, во своето воведно излагање го нагласи значењето на денешниот настан, потенцирајќи дека темата за одливот на мозоците е едно од клучните прашања во македонското образование.

„Квалитетот на образованието несомнено е потребен и во таа насока од големо значење е што младите истражувачи и студенти се образуваат или истражуваат и дополнително во странство, но клучното прашање е како тие кадри да се вратат во земјата“, истакна деканот Коевски.

Љубица Караманди, специјален советник во Министерството за образование и наука, посочи дека во македонското високо образование, особено во контекст на општествените науки, нема стратешки пристап во истражувањата. Во практиката, нагласи Караманди, тоа е стихијно и сведено на личните заложби на професорите.

Специјалниот советник во Министерството за образование и наука истакна дека во македонското образование како проблем се јавува и одвојувањето недоволно буџетски средства за образование, што се огледа и преку тоа што во изминатиот период немало конкурси за поддршка на истражувања.

Оддалеченоста на функционалните истражувачки центри, затвореноста на научните институти, вработувањето некомпетентни луѓе се дел од причините што ги издвои Караманди како причина за одливот на мозоци.

Сите овие прашања, подвлече Караманди, мора сериозно да се анализираат и со вклученост на сите чинители во образовниот процес, како и со преземање на конкретни институционални мерки, соодветно да се надминат.

На денешниот настан, свое излагање имаше д-р Мајкл Окснер, виш истражувач на Швајцарскиот центар за експертиза во општествените науки од Лозана, кој ги пренесе швајцарските искуства во врска со високото образование и воспоставувањето критериуми за квалитет во општествените науки.

„Квалитетот на истражувањето е многу комплексно прашање. За квалитетот на образованието мора да бидат земени предвид повеќе индикатори, не се работи само за објавување во списанија со импакт-фактор, важно е и прашањето колку истражувањата имаат и општествено влијание“, истакна Окснер.

Едно од прашањата за кои говореше швајцарскиот професор и експерт беше и прашањето за истражувањата. За да се посвети внимание на некое истражување, рече Окснер, професорите како истражувачи мора да поминат повеќе време во истражување, отколку во предавање. Оттука, мора да се нагласи дека важен аспект е и брзината на истражувањето, кое има и технолошки аспект. Да речеме, подвлече Окснер, во Швајцарија имаме одличен пристап до литература преку интернет, а во Македонија тоа не е случај.

На денешниот настан на кој присуствуваа истражувачи, универзитетски професори и студенти, беа презентирани и резултатите од две истражувања спроведени во текот на 2017 година, поврзани со квалитетот на истражувањата и одливот на мозоци во општествените науки во РМ.

За резултатите од истражувањето говореше проф. д-р Мишо Докмановиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Тој појасни дека анкетата била спроведена помеѓу универзитетскиот кадар и истражувачите. Според податоците, истакна Докмановиќ, повеќе не постои онаа перцепција дека одливот на мозоци постои само во медицинските или технолошките мозоци, туку дека постои и одлив на мозоци во општествените науки.

„За потребите на анкетата беа испитани универзитетски професори, истражувачи, асистенти, во најголем дел од 45 до 60 години и од 31 до 45 години“, посочи Докмановиќ. Универзитетските професори, асистенти и истражувачи се од областите на правни, политички, економски науки, психологија итн., а анкетата била испратена на државните и приватните универзитети и во реномирани истражувачки институти или здруженија на граѓани кои се занимаваат со истражување во општествени науки.

Како што посочи професорот Докмановиќ, презентирајќи ги резултатите од анкетата, дури 68% од испитаниците одговориле позитивно дека би се преселиле во друга земја. Тие најмногу би заминале во Европа и во Северна Америка. Како причина за нивното заминување, доминантен бил ставот дека во земјата ништо не се менува.

45% од испитаниците одговориле дека би се отселиле засекогаш, а сите имале и преземено активности за заминување. На прашањето каде се гледате себеси за пет години, посочи Докмановиќ, 27% од испитаниците одговорија дека се гледаат себеси во странство за пет години.

Показателите од ова истражување, нагласи професорот Мишо Докмановиќ, јасно го наметнуваат прашањето дека е потребна јавна дискусија за темата за одливот на мозоци, како од аспект на законодавството, така и од аспект на институциите.

Во рамките на дебатата на денешниот настан беше заклучено дека државата мора силно да ги поддржува образованието и научноистражувачката работа. Младите истражувачи треба да одат и да истражуваат во странство и онаму каде што ќе имаат можност непосредно да видат како функционира глобалниот свет. Она што е од особено важност, беше потенцирано на тркалезната маса, е да останат во земјата и тука да ги пренесат своите знаења. Зголемениот буџет за наука, отворањето нови перспективи за истражувачите, лесниот пристап до литература се само дел од мерките, беше резимирано на денешниот настан.

M.В