Одложено судењето за уништувањето на документацијата во УБК
Причината за одложувањето е бидејќи СЈО немало дозвола од Управата за безбедност и контраразузнавање да ги употребува класифицираните докази во судска постапка, поради што, по речиси тричасовна расправа во Кривичниот суд во Скопје, судијката Лидија Петровска побара од СЈО да обезбеди дозвола од УБК за декласифицирање на класифицираните докази во случајот со уништување на службената документација за да можат да се употребуваат во судска постапка.
Судскиот процес за случајот со фалсификувањето и уништувањето на документацијата во Управата за безбедност и контраразузнавање, во кој се обвинети поранешниот началник на Петата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во УБК, се одложи.
Причината за одложувањето е бидејќи СЈО немало дозвола од Управата за безбедност и контраразузнавање да ги употребува класифицираните докази во судска постапка, поради што, по речиси тричасовна расправа во Кривичниот суд во Скопје, судијката Лидија Петровска побара од СЈО да обезбеди дозвола од УБК за декласифицирање на класифицираните докази во случајот со уништување на службената документација за да можат да се употребуваат во судска постапка.
Обвинителите од СЈО изјавија дека досегашната судска пракса дозволувала класифицирани докази да бидат употребувани во судски постапки, но, и покрај тоа што судијката ги задолжи да обезбедат дозвола од УБК, изразија надеж дека тоа ќе значи само кусо одложување на судскиот процес.
Следното судско рочиште за овој случај е закажано за 17 јануари 2017 година.
Инаку, Горан Грујовски и шестемина обвинети за овој случај се товарат за незаконско уништување на документацијата која е потребна во истрагата за откривање на начинот на кој Управата за безбедност и контраразузнавање вршела прислушување. Тие, исто така, се товарат и за фалсификување на службена исправа, што претставува кривично дело за кое е пропишана затворска казна до пет години.
А. Б.