/Прочитано:

5.862

Одлука на Владата на РМ: Од 1 септември флексибилно и сменско работење на администрацијата

Ваквата одлука на Владата, како што денеска на прес-конференција соопшти министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, ќе почне да се применува од 1 септември. Почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од 8 часа. 

Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски денеска на прес-конференција соопшти дека Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да се воведе флексибилно работно време на сите вработени во државната управа, а во одредени институции и двосменско работно време.

Ваквата одлука на Владата, како што рече Манчевски, ќе почне да се применува од 1 септември. Почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од 8 часа. 

Со денешната одлука на Владата, Манчевски потенцираше дека ќе се регулира и двосменското работење на одредени институции, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав. Работното време во овие институции ќе се одвива од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8:00 до 16:00 часот.

Министерот Манчевски информираше дека оваа одлука, која беше најавена во Програмата на Владата, следува по серијата консултации со граѓаните и со претставниците на невладиниот сектор и синдикатите.

„Ова е една од мерките коишто Владата ќе ги преземе  во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација. Исто така, со оваа мерка сакаме да им излеземе во пресрет и на родителите коишто во различно работно време почнуваат со работа. Очекуваме оваа мерка да придонесе за намалување на сообраќајните гужви особено во големите градови пред почетокот и по завршувањето на работното време“, рече министерот Дамјан Манчевски.