/ Прочитано:

1.730

Одлука за започнување на постапката за избор на универзален снабдувач со електрична енергија

Владата на РМ  донесе одлука за започнување на постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија.

„Канцеларијата на претседателот на Владата, Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Министерството за економија се задолжени да номинираат по еден член и заменик-член во Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач.  Исто така, Владата им укажа на Регулаторната комисија за енергетика и на МАНУ да номинираат по еден член и заменик-член во Комисијата за спроведување на постапката во рок од 3 дена од денот на донесување на одлуката“, соопштуваат од Владата.

Комисијата е должна во рок од 14 дена до Владата на Република Македонија на усвојување да го достави јавниот повик и тендерската документација.

„Заради остварување на правото на сите домаќинства и мали потрошувачи да се снабдуваат со електрична енергија со утврден квалитет, по разумни, јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторски цени, Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај“, образложуваат од Владата.

Целта на оваа постапка е остварување на правото на домаќинствата и малите потрошувачи на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, односно да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување.

M.В