/ Прочитано:

1.155

Одлуката на Уставниот суд за применувањето на деталните урбанистички планови во Општина Центар

Уставниот суд ја објави Одлуката за укинување на Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови, бр. 08-1859/2 од 27.3.2019 година, донесена од Советот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 6/2019 од 28.3.2019 година).

Судот со одлуката го стави и вон сила решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

„Судот оцени дека со начинот на кој во конкретниот случај, доносителот на оспорениот акт, Советот на Општина Центар, ги пречекорил своите законски овластувања, сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните, што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок, член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеење на правото, како и со членот 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Понатаму, со оспорената одлука, Советот на Општина Центар сериозно ја нарушил еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите бидејќи со оспорената одлука ги ставил граѓаните во нееднаква правна положба, на начин што со својата одлука не дозволил едни граѓани да ги остварат своите права и правни интереси, за разлика од останатите на кои тоа им било овозможено според членот 2 од оспорената одлука, повредувајќи го на тој начин член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со оспорената одлука, Советот на Општина Центар неосновано ја довел во прашање уставната гаранција на правото на сопственост, со што го повредил и член 30 став 1 и став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во меѓувреме е донесен нов Закон за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 32/2020 од 10.2.2020 година), којшто сега е во сила, а со кој поранешниот закон врз основа на којшто е донесена оспорената одлука престанал да важи“, се наведува во Одлуката на Уставниот суд, која може да се преземе на следниот линк.

Укината Одлуката за применувањето на деталните урбани­стички планови донесена од Советот на Општина Центар

М.В