/ Прочитано:

2.546

Односот на правото и науката

Уште во 1935 година правниот филозоф Хантингтон Кернс во своите трудови напишал дека правото има статус на општествена наука, додека пак Кристофер Колумбос Лангдел (1826-1906), кој бил декан на Правниот факултет на Харвард од 1870 до 1895, го променил сфаќањето за правото и правното учење и направил разлика меѓу правото како наука и правото како практична наука, со тоа што кога правото се гледа како наука тоа значи дека тоа се изучува како теорија, додека пак правото како практична наука е она што се случува со правото по завршувањето на студиите.

Односот помеѓу правото и науката

Во правната теорија честопати се поставува прашањето што претставува правото и дали е наука. Оваа тема отвора можност за широка анализа и за примена на филозофскиот пристап во правото со цел да се разјаснат работите што го наметнуваат ова прашање. Најпрво треба да се дефинираат поимите што се предмет на анализа, а понатаму да се соочат аргументите за и против, односно оние аргументи кои не го сметаат правото за наука и оние што делумно се согласуваат дека правото на некој начин може да се дефинира како научна дисциплина.

Правото претставува збир на правни норми кои ги регулираат општествените односи, чијашто примена е обезбедена со државниот апарат за принуда, додека пак науката се дефинира како систематизиран и аргументиран збир на знаења за светот кои се релативно објективни и до кои се дошло во одреден историски период со примена на разни методи. Како заклучок – науката има три свои одредници: предмет, метод и знаење, со што на некој начин се поврзува и со правото.

Ако се споредат дефинициите за правото и науката, може да се види дека дефиницијата на правото не ги задоволува критериумите на науката и се смета дека според тоа правото, како збир на правни норми, не може да биде наука.

Уште во 1935 година правниот филозоф Хантингтон Кернс во своите трудови напишал дека правото има статус на општествена наука, додека пак Кристофер Колумбос Лангдел (1826-1906), кој бил декан на Правниот факултет на Харвард од 1870 до 1895, го променил сфаќањето за правото и правното учење и направил разлика меѓу правото како наука и правото како практична наука, со тоа што кога правото се гледа како наука тоа значи дека тоа се изучува како теорија, додека пак правото како практична наука е она што се случува со правото по завршувањето на студиите.

За да се направи јасна разлика што изучува правото како научна дисциплина, треба да се истакне дека правото трпи напади и разни спротивставувања како и останатите општествени науки, додека пак науката како општоприфатен поим се врзува за природните науки. Според ова, општествените науки, како што е правото, го изучуваат она што треба да биде, она што треба да настане во иднина, додека пак природните науки го изучуваат она што е, она што се случува континуирано.

Правото е и онтолошки нужно (онтологија – филозофска дисциплина која се бави со проблемот на суштествувањето воопшто) и како општ поим, сепак, може да се перципира како наука во смисла на постојано изучување и потврдување. Правото е општествена и духовна појава, исклучително важна и корисна како средство за остварување на правдата во едно општество.