/Прочитано:

1.107

Одредбите од Уставот и Деловникот на Собранието на РМ за имунитетот на пратениците

Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања се очекува денеска да расправа за барањето на Кривичниот суд за одземање на имунитетот на шестмина пратеници, кои Обвинителството ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а во врска со насилствата во Собранието на 27 април годинава. Во Собранието вчера стигнаа барањата од Судот за укинување на пратеничкиот имунитет за овие пратеници.

Во членот 64 од Уставот на Република Македонија е пропишано дека пратениците уживаат имунитет. Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието.

Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.

Во врска со имунитетот на пратениците во собранискиот Деловник, поконкретно во членот 53 од Деловникот, се пропишува дека пратеникот ужива имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на мандатот.

Барањето за одобрување на притвор на пратеник надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието. Ако барањето не е доставено од надлежен орган, претседателот на Собранието за тоа го известува органот.

Известувањето дека пратеникот е притворен, затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.

Надлежниот орган, се пропишува во членот 53 од Деловникот, го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикал на имунитетот.

Претседателот на Собранието барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

Понатаму, во членот 54 од Деловникот се пропишува дека врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.

По известувањето за притворање на пратеник кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.

Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања има претседател, осум члена и нивни заменици. Комисијата ги разгледува прашањата што се однесуваат на спроведување на Деловникот на Собранието и на деловниците на работните тела и дава мислење за разрешување на спорни прашања; основите за престанок и одземање на мандатот на пратеник,  имунитетот на пратениците и др.

ЈОРМ: Триесет и шестмина се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста

M.В