/ Прочитано:

1.455

Одржана првата јавна консултација за ново студентско организирање

Иницијативата има за цел да се слушнат мислењата и ставовите на студентите за создавање нов модел на студентско организирање. Изнесените ставови по ова прашање ќе помогнат во дефинирање аргументи и предлози кои би се доставиле до надлежните институции за подобрување на решенијата во рамки на Законот за високото образование.

Во организација на Младинскиот образовен форум и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, денеска на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се одржа првата јавна консултација за ново студентско организирање.

Организаторите истакнуваат дека оваа нивна иницијатива има за цел да се слушнат мислењата и ставовите за создавање нов модел на студентско организирање. Во иднина, како што истакнаа, изнесените ставови по ова прашање ќе помогнат во дефинирање аргументи и предлози кои би се доставиле до надлежните институции за подобрување на решенијата во рамки на Законот за високото образование.

Претставничката од МОФ, Александра Филипова, истакна дека уредувањето на студентските права треба да биде транспарентно и на тој начин да се создаде одреден модел на студентско организирање.

Според неа, крајно време е преку вакви јавни консултации и со новините во Законот за високото образование да се реши прашањето за студентското организирање.
„Време е овој проблем да се реши, а на студентите да им се овозможи вистинско учество, легитимни и транспарентни студентски претставници и одржлив модел на студентско организирање“, истакна Филипова.

Претставничката од Студентскиот пленум, Деа Здравковска, нагласи дека нивна цел е одлуките што ќе се носат за студентите да бидат транспарентни и јавни и да се носат со мнозинство.

„Затоа, еден од главните проблеми што треба да се реши е Студентскиот парламент да биде во рамките на Универзитетот, а не само како невладина организација која навлегува во автономијата на Универзитетот“, рече Здравковска.

Според Иван Дургутов од ЕЛСА, студентското организирање треба да се реформира. Тој смета дека постојниот закон и неговите бројни измени доведоа до нефункционални претставнички тела кои за многу студенти не се ни познати.

„Ваквите отворени консултации со присуство на лично засегнатите, односно со студентите се одлична можност да се создаде нов текст кој ќе биде во согласност со потребите и барањата на студентите“, рече Дургутов.

Во текот на наредниот месец, јавни консултации во однос на ова прашање – создавање нов модел на студентско организирање ќе се одржат и во Битола, Тетово и Скопје, а потоа ќе се изработи финален документ со сите препораки произлезени од настаните.

А. Б.