/ Прочитано:

1.180

Одржана третата седница на Советот за Стратегијата за реформи на правосудниот сектор

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017 – 2022 година) на Владата на Република Македонија ја одржа својата трета седница.

По усвојувањето на записникот од претходната, втора седница, Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор продолжи со разгледување на предложените измени на Законот за судови, Законот за Судскиот совет на Република Македонија и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, ги информираше членовите на Советот дека одредени решенија, понудени од Министерството за правда, не се прифатливи за опозицијата и додаде дека на седницата на Собранието на РМ, закажана за втори мај, очекува измените на Законот за судови и Законот за Судскиот совет да се најдат на дневен ред.

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор ги разгледа предложените измени на Законот за судови, а пред сѐ понудените решенија на основите за дисциплинска одговорност и дисциплински мерки за судиите. На седницата беа разгледувани и одредени предлози и решенија за Законот за Судскиот совет и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.