Одржана завршната конференција на проектот „За правда – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2020–2021 година“
На 25 февруари 2021 година, се одржа завршната конференција на проектот „За правда – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2020–2021 година”, имплементиран од Блупринт групата за реформи во правосудството, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Настанот се одржа онлајн, во согласност со препораките за заштита на јавното здравје поради пандемијата од вирусот ковид-19.
Настанот беше посветен токму на предизвиците што ги донесоа пандемијата и вонредната состојба во Северна Македонија за државните и јавните органи, со особен осврт на влијанието на вонредните услови за работа врз судството, судските органи и врз спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. На настанот учествуваа судии, стручни судски соработници, претставници од Министерството за правда, од академската заедница, од невладиниот сектор, експерти во областа и медиумите.
Конференцијата ја отвори Данче Даниловска-Бајдевска, директор на Програмата за владеење на правото и добро управување во Фондацијата Отворено општество – Македонија, која потврди дека еден од приоритетите на Фондацијата и понатаму останува поддршката на граѓанските организации и органите на власта во доследно спроведување на приоритетите кои произлегуваат од реформата на правосудниот сектор, особено во времиња кои отвораат бројни предизвици. На присутните им се обрати и министерот за правда на РСМ, Бојан Маричиќ, кој направи краток пресек на постигнатите и тековните активности на Стратегијата. Министерот Маричиќ објасни дека реформата на правосудниот сектор и понатаму се одвива со примарна цел – враќање на довербата на граѓаните во судството. Никола Јовановски, програмски менаџер во Центарот за правни истражувања и анализи кој е носител на тековниот проект во Блупринт групата, им се заблагодари за довербата и соработката на останатите партнери и поддржувачи и секако на судовите и судските органи за време на оваа немирна година полна со предизвици.
Правните аспекти на вонредната состојба и нејзиното влијание врз македонското судството
Во првиот панел на присутните им се обратија Маргарита Цаца Николовска, претседател на ИЧП и поранешен судија во ЕСЧП, Џемали Саити, врховен судија и претседател на Здружението на судии на РСМ, Гоце Коцевски, проектен менаџер во МЗМП, Ива Цоневска, проектен менаџер во ЕПИ, и Вилдан Дрпљанин, проектен менаџер во МХК. Говорниците зборуваа за веќе воспоставените меѓународни стандарди и принципи на постапување на државните власти во вонредни услови, со посебен осврт на одредени случувања кои сè уште немаат конкретен одговор во контекст на Северна Македонија, како што се: (не)потврдувањето на одлуките за прогласување на вонредна состојба од страна на законодавниот дом, дерогацијата од Европската конвенција за човекови права, како и за содржината и времетраењето на уредбите со законска сила кои во континуитет го носеше техничката влада во периодот на вонредната состојба. Панелистите дискутираа и за тоа што всушност се случуваше во судовите за време на вонредната состојба, утврдувајќи дека токму транспарентноста во преносот на информации беше најважната алка во постапувањето на судовите во вонредните услови. Панелистите се осврнаа и на уредбата за кратење на платите на судиите за време на вонредната состојба, која наиде на критики во Европската судска мрежа и можеше да биде сфатена како директно вмешување на извршната власт во независноста на судската, како трета и рамноправна власт во државата. Во овој дел беа презентирани и првичните заклучоци на Блупринт групата за постапувањето на државните органи изминатата година. Панелистите дискутираа за ранливата ситуација во која се најде државата – без мандат на законодавниот дом, со што целиот товар за контрола над вонредната состојба „падна“ врз Уставниот суд. Мал, но сепак одреден дел од уредбите со законска сила не беа воопшто поврзани со вонредната состојба, со што Владата излезе од својата надлежност и почна да постапува во својство на законодавец. На крајот беа презентирани активностите на самите судови кои, соочени со ситуација која не е предвидена во законите за судовите и Судскиот деловник, наоѓаа начини за да продолжат со својата работа и во вонредната состојба. Судовите се соочија со предизвикот да обезбедат фер и правично судење во новата динамика на судските постапки, па во овој период беше одржано и првото онлајн судење во Северна Македонија. Сепак, стандардизирање на процедурите за постапување на судовите во вонредни услови и овозможување на основните технички услови за нивна работа остануваат примарна задача за овозможување на судиската дејност во вонредни услови и во иднина.
Како се одрази пандемијата од вирусот ковид-19 врз спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017–2022
Вториот панел беше посветен на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор во 2020 година. Во овој дел се обратија проф. д-р Ана Павловска-Данева, Жарко Хаџи-Зафиров од ЦПИА, Никола Прокопенко, државен советник во Министерството за правда, и Натали Петровска, директор на Коалицијата Сите за правично судење. Панелот ги изнесе првичните наоди за спроведувањето на Стратегијата во пракса и посочи дека нормативната дејност на Стратегијата не е проблематичен аспект. Сепак, загрижувачки е фактот што дел од основите на тековната Стратегија сè уште не се отпочнати со спроведување, како што се обезбедување на нови згради за управните судовите, што се одолговлекува уште од 2019 година, физичко разделување на судовите од јавните обвинителства во општините каде што се наоѓаат во иста зграда со цел да се отфрли евентуалната поврзаност помеѓу судот и странките во постапката, понатаму реорганизацијата на судската мрежа, која не е воопшто започната и дисперзија на Академијата за судии и јавни обвинители во останатите градови во државата. Панелистите се осврнаа и на прашањето кое веќе некое време е присутно во јавноста, односно за фактот дека речиси 10 години наназад ниту еднаш не е исполнета законската обврска за доделување на минималните 0,8% од БДП за судската власт, во согласност со Законот за судски буџет. Во овој дел беа презентирани и активностите на Министерството за правда во минатата година, кои, меѓу другото, резултираа со првичен нацрт на новиот Кривичен законик, формирање на работна група за Судскиот деловник, Законот за судска служба, но и формирање на работна група за донесување на Закон за воена и вонредна состојба. Генералниот заклучок останува дека временски задоцнувања со имплементацијата се неизбежни и донекаде оправдани, но и покрај нормативните, треба да се спроведат и суштествените промени кои ги наложува Стратегијата за вистински напредок и во областа на правосудството.
M.В